ПРОФЕСОРИ И СТУДЕНТИ ОД МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА ГО ПРОУЧУВАА ПРЕСПАНСКИОТ РЕГИОН

    ПРОФЕСОРИ И СТУДЕНТИ ОД МАКЕДОНИЈА И ГРЦИЈА ГО ПРОУЧУВАА ПРЕСПАНСКИОТ РЕГИОНДесетдневна истражувачка програма содржеше теренска работа во Преспа, Солун, Скопје и Битола. (Фотот: СДК.МК)

    Преку десетдневна програма, 17 професори и студенти од областа на антропологијата, политичките науки, правото и историјата од Грција и Мкедонија истражуваа како културата, животната средина и пограничните простори можат да создадат нови мостови на соработка и разбирање. Десетдневна истражувачка програма содржеше теренска работа во Солун, Скопје, Битола и Преспа.

    Активностите беа дел од проектот „Од граници до мостови: истражување на животната средина, културата и пограничните простори низ Грција и Северна Македонија. Партнери во проектот се Универзитетот Стоктон, Њу Џерси (САД), Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет Скопје и Универзитетот „Македонија“ во Солун.

    Меѓународниот  тим деновиве го посети македонскиот дел на Преспа, каде д-р Мери Стојанова ги презентираше активностите и резултатите од проектот ACT4PRESPA, поддржан од Европска Унија во рамките на програмата ЕУ за Преспа. На повеќе локации во Преспа беа претставени археолошките и етнолошките истражувања, процесите на дигитализација на различни сегменти од традиционалната култура, како и идните можности за нивна јавна достапност во објектот на старото училиште во село Љубојно, по завршувањето на неговата реконструкција.

    „Знаењето добива вистинска вредност кога се споделува, а партнерствата стануваат најсилни тогаш кога различните искуства, перспективи и идеи се претвораат во заеднички мостови на разбирање и соработка“, рекоа учесниците.

    Беше ставен и акцент на екологијата, при што беше истакнато дека заштитата на животната средина во Преспа мора да се протега надвор од националните рамки и бара прекугранична соработка.

    „Во исто време, дискусиите за процесот на Паркот Преспа ги открија и тешкотиите за одржување на долгорочна прекугранична соработка кога политичките приоритети и државните интереси не секогаш се спојуваат“, објави на социјалните мрежи Јоанис Манос, професор на Универзитетот „Македонија“ во Солун.

    Тој додаде дека економскиот опстанок на регионот на македонска страна зависи не само од еколошката свест или локалните иницијативи, туку и од политичката поддршка и други фактори.

    „Вклучувањето на регионот во три национални држави по распадот на Отоманската империја длабоко ги наруши долгогодишните социјални, економски и културни врски, бидејќи секоја држава постепено наметнуваше различни политички, административни и развојни приоритети“, вели Манос.

    Тој нагласи дека Преспанскиот Регион е помалку ограничен „регион“ отколку историски поставената гранична средина обликувана од прекинати мобилности, еколошки меѓузависности, нееднаков развој и променливи политички режими.

    „Еден особено откривачки пример е сè уште одложеното повторно отворање на граничниот премин Маркова Нога. Иако инфраструктурата е веќе изградена, самиот премин останува затворен, што покажува дека очекувањата за поврзаност и прекугранична соработка честопати се движат побавно“, нагласува Манос.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира