ПРОВАЛИЈАТА ДЛАБОКА 30 МЕТРИ ПОЛА ГОДИНА СТОИ НЕОГРАДЕНА НА КЕЈОТ ВО АЕРОДРОМ ВО СКОПЈЕ, ВЕЛИ АНГЕЛОВ

    ПРОВАЛИЈАТА ДЛАБОКА 30 МЕТРИ ПОЛА ГОДИНА СТОИ НЕОГРАДЕНА НА КЕЈОТ ВО АЕРОДРОМ ВО СКОПЈЕ, ВЕЛИ АНГЕЛОВПровалијата се наоѓа на потегот зад хотел „Русија“ во насока на мостот Близнак и е опасност за пешачите, велосипедистите и лицата кои со електрични тротинети се движат на овој потег. (Фото: ЦУК)

    Провалија длабока над 30 метри на кејот во Аеродром во Скопје пола година стои незаштитена, предупреди денеска директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојане Ангелов. И покрај пријавата во јуни годинава од ЦУК до Град Скопје и до Општина Аеродром, никој од нив не реагира да се заштити местото односно да се постави ограда.

    Провалијата се наоѓа на потегот зад хотел „Русија“ во насока на мостот Близнак и претставува опасност за пешаците, велосипедистите и лицата кои со електрични тротинети се движат на овој потег, особено ноќно време кога видливоста е значително намалена. Порано на ова место постоела лимена ограда, но веќе подолго време е отстранета.

    „Поаѓајќи од начелото на ЦУК, ‘безбедноста на граѓаните на прво место’, покажувајќи одговорност и ефикасност при заштита на граѓаните, ЦУК веднаш, во средината на јуни оваа година, испрати известување со барање за отстранување на оваа нескриена опасност до Градот Скопје и до Општина Аеродром која поради ерозијата постепено се зголемува. Од страна на Градот Скопје итно беа преземени мерки за делумно намалување на опасноста со поставување знаци за забрането движење и заштитна лента со укажување дека во наредниот период ќе се постави и лимена заштитна ограда. Воедно, Градот Скопје нè извести дека самата провалија е во надлежност на Општина Аеродром“, рече Ангелов.

    Тој рече дека неколку дена подоцна, несовесни граѓани ја скинале заштитната лента, ги откорнале знаците за опасност и ги фрлиле во провалијата. Од ЦУК во уште неколку наврати побарале интервенција од Град Скопје, но како што вели Ангелов, поминати се шест месеци од првото известување, а провалијата сè уште е необезбедена.

    „Апелираме до Град Скопје и Општината Аеродром, во согласност со нивните надлежности, итно да постават соодветна заштитна ограда која ќе ја гарантира безбедноста на многубројните граѓани кои од рекреативни причини пешачат, трчаат или возат велосипед или се движат со електрични тротинети, особено ако се земе предвид зголемената опасност поради раното стемнување и слабата видливост ноќно време, како и очекуваните претстојни ниски температури проследени со снежни врнежи или појава на голомразици“, рече Ангелов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира