РАДОВИШ ОСТАНА БЕЗ НОТАР, ЗА ЗАВЕРКА НА ДОКУМЕНТИ СЕ ОДИ ВО СТРУМИЦА

    РАДОВИШ ОСТАНА БЕЗ НОТАР, ЗА ЗАВЕРКА НА ДОКУМЕНТИ СЕ ОДИ ВО СТРУМИЦАЕдинствениот нотар Јован Стојчев замина во пензија, а од Министерството за правда уште немаат распишано оглас за избор на нов кој ќе го покрива подрачјето на Општина Радовиш, каде што живеат околу 30 илјади жители (Фото: СДК.МК)

    Речиси половина месец жителите на Општина Радовиш се без нотар и за каква било нотарска услуга мора да патуваат до Струмица. Единствениот нотар Јован Стојчев замина во пензија, а од Министерството за правда уште немаат распишано оглас за избор на нов нотар кој ќе го покрива подрачјето на Општина Радовиш, каде што живеат околу 30 илјади жители. Граѓаните се револтирани што за заверка на документ или нотарска услуга мора да патуваат во Струмица и да се изложуваат на дополнителни трошоци и губење време.

    „Дозволија и ова да се случи иако сите знаеa дека Стојчев е пред пензија, а што е најлошо, нема абер да именуваат нов. Сега мора да патуваме во Струмица и да губиме ден за каква било нотарска заверка. Треба да се најде решение, овдe во Радовиш да има постојано и тоа најмалку двајца нотари“, велат радовишани кои имаат потреби од нотарски услуги.

    Од Нотарската комора на Македонија потврдија дека во Радовиш нема нотар и сè до изборот на ново кадровско решение бил определен службата да ја врши Јанко Милушев од Струмица.

    „Побаравме од Министерството за правда да распише оглас за нов нотар во Радовиш, но со објаснување дека ќе се носат измени во законската регулатива, уште не е распишан конкурсот. По претходно мислење на Управниот одбор на Комората, одлучивме нотарската работа во ова службено подрачје да ја врши Јанко Милушев од Струмица. Слична е состојбата и во Кратово, каде го назначивме Мартин Божиновски од Куманово“, вели претседателот на Нотарската комора на Македонија Васил Кузмановски, и додава дека Милушев од Струмица бил на располагање по договор со заинтересираните странки да оди и во Радовиш.

    Согласно законската регулатива, по предлог на министерот за правда се распишува конкурс кој го спрoведува Нотарската комора, а кој од пријавените кандидати ќе биде нотар одлучува министерот по претходни сугестии на Комората за пријавените. Целата постапка за избор на нотар во едно подрачје трае минимум три месеци.

    Од Министерството за правда немаа конкретен одговор кога во Радовиш ќе биде распишан конкурс за избор на нов нотар. Портпаролот Бесим Шакири рече дека засега нема најава кога точно ќе има конкурс за избор на нотари во оние места кои останале без вакви услуги.

    „Немаме информација кога точно ќе биде распишан конкурс. Единствено што можеме да ве информираме дека за Радовиш има делегирано нотар од Струмица“, кусо ни изјави Шакири.

    В. ТРАЈКОВ

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира