РАСПИШАН ТЕНДЕРОТ ЗА АВТОБУСКОТО МЕТРО ВО СКОПЈЕ, ДО СРЕДИНАТА НА ДЕКЕМВРИ ЌЕ ЗАВРШИ ПРВАТА ПРЕТКВАЛИФИКАЦИСКА ФАЗА

    РАСПИШАН ТЕНДЕРОТ ЗА АВТОБУСКОТО МЕТРО ВО СКОПЈЕ, ДО СРЕДИНАТА НА ДЕКЕМВРИ ЌЕ ЗАВРШИ ПРВАТА ПРЕТКВАЛИФИКАЦИСКА ФАЗАОд Град Скопје очекуваат напролет да биде избрана фирмата која ќе ја воведе линијата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче. (Фото: СДК.МК)

    На сајтот на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) објавен е меѓународниот тендер за воведување на Бас рапид транзит (БРТ) или автобуското метро во Скопје. Тендерот опфаќа проектирање и изградба на коридорот на линијата 1 од БРТ, како и изградба на депо во Ново Лисиче и надградба на депото во Ѓорче Петров. За реализацијата на целиот проект Владата зема кредит од ЕБРД во висина од 70 милиони евра.

    Тендерот ќе се спроведува во две фази. Првата претквалификациска фаза ќе трае до 14 декември. Фирмите кои ќе ги исполнат условите зададени во тендерската документација ќе поминат во втората фаза, во која ќе се одбере изведувачот.

    Од Град Скопје велат дека тендерот се одвива во две фази за да се дадат квалитетни понуди и да се избере реномирана фирма која ќе го спроведе новиот концепт на јавен превоз во Скопје. Очекуваат фирмата да биде избрана напролет.

    Со имплементацијата на првата фаза, трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче со должина од 12,81 километри во една насока, 21 автобуска постојка и 2 терминали,  времето на патување од сегашните 70 минути ќе се намали за повеќе од 50 отсто, односно времето потребно едно возило да ја помине трасата од Ѓорче Петров до Ново Лисиче или обратно ќе биде 35 минути.

    Посебната траса за брзи автобуси која ќе биде физички издвоена од останатиот сообраќај двојно го намалува времето на патување, а фреквентноста на автобусите од 3-4 минути за време на шпицот оневозможува градски гужви. Сообраќајната предност на автобусите им овозможува движење без застој низ средишниот дел на градските улици и булевари.

    „Честотата, пристапноста, безбедноста, удобноста и брзината се показатели за квалитетни транспортни услуги кои ги охрабруваат граѓаните да го користат системот за јавен превоз наместо приватните возила. Исто така, имплементацијата на брзиот автобуски превоз значително ќе го подобри севкупниот јавен превоз во Скопје бидејќи ќе овозможи поголема покриеност низ градот преку пренасочување на сегашните автобуси на други автобуски линии. Зголемен број корисници на јавен превоз значи намалување на загадувањето на воздухот и подобрување на здравјето на граѓаните бидејќи брзиот автобуски превоз со ефикасни горива доведува до намалување на емисиите на стакленички гасови, емисиите на честички и нивото на бучава“, велат од Град Скопје.

    Во рамките на ЕБРД, овој проект е заведен како зелен проект и се финансира во рамките на мрежата на зелени градови.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира