РУСКИ РЕЖИСЕР ГО СОБРА ЃУБРЕТО ОСТАВЕНО ОД ПОСЕТИТЕЛИ ВО ДЕМИРКАПИСКО

    РУСКИ РЕЖИСЕР ГО СОБРА ЃУБРЕТО ОСТАВЕНО ОД ПОСЕТИТЕЛИ ВО ДЕМИРКАПИСКО„Што може да ги научи една мајка своите деца, ако нивната валкана пелена ја фрла во водата, а потоа се жали на докторот дека детето има стомачни инфекции?“, - Рускиот режисер Андреј Ким заедно со сопругата Ирина собраа шест вреќи отпад од околината на Топли Вирови на реката Дошница (Фото: СДК.МК)

    Рускиот режисер Андреј Ким заедно со сопругата Ирина деновиве собираше ѓубре кое други луѓе го оставиле во демиркаписко. Ким е воодушевен од убавините на земјава и пред две години на неколку локации во Македонија снимаше бајка за деца. Собраните шест вреќи отпад од околината на таканаречените Топли Вирови, природно заградени  на реката Дошница и идеални за разонода, ги однесе на демиркаписката депонија.

    Отпадоци нема да има, ако секој си го земе со себе ѓубрето кое го направил и го однесе во најблиските канта за отпадоци или контејнер, вели Ким (Фото: СДК.МК)

    Дека ова не е единствен ваков случај и дека се случува  странци да го собираат ѓубрето по локалитети погодни за туризам во демиркаписко, изненадени што такви убавини кои воодушевуваат, локалците не знаат да ги чуваат, ни потврди  Русинот Александар Кленов. Меѓународно познатиот алпинист од пред неколку години со семејството  одлучи да живее крај Демиркаписката Клисура, токму поради љубовта кон каменото царство кое грандиозно се издигнува над реката Вардар.

    „Брачниот пар Ким се восхитува на македонската природа, но е разочаран од ѓубрето кое ја загадува. Згрозени беа од ѓубриштето околу вировите кои се многу посетени за разладување на горештините. Не ја разбираат навиката на поединци да исфрлат туку така кога ќе си заминат сѐ што претходно донеле со себе од дома. Шишиња, детски употребени пелени, кесиња и што ли уште не. Баш искоментираа дека отпадоци нема да има, ако секој си го земе со себе ѓубрето кое го направил и го однесе во најблиските канта за отпадоци или контејнер. За мене е неразбирливо што може да ги научи една мајка своите деца, ако нивната валкана пелена ја фрла во водата, а потоа се жали на докторот дека детето има стомачни инфекции“, вели Кленов.

    „Секогаш кога одам на Топлите Вирови, товараме по неколку вреќи ѓубре кое неодговорните го заборавиле или намерно го оставиле да ја нагрдува околната чиста и здрава животна средина“, вели рускиот алпинист Александар Кленов кој се преселил во Демир Капија (Фото: СДК.МК)

    Според него, многу од гостите кои доаѓаат да ги видат атрактивните природни убавини на Демир Капија се зачудени од толку многу ѓубре.

    „Тие секогаш ми помагаат во напорите да се исчисти овој еколошки рај. Секогаш кога одам на Топлите Вирови со фамилијата или со било кого, товараме по неколку вреќи ѓубре кое неодговорните го заборавиле или намерно го оставиле да ја нагрдува околната чиста и здрава животна средина“, вели Кленов.

    Тој забележал дека после викендите и празниците, се случувало да се наиде на купишта ѓубре на неколку места во Демиркаписко,  кои се идеални за најразличен вид на туристичка промоција.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари