Салата „Партизан“ во скопската општина Карпош 4 ќе биде готова за еден месец, велат од општина Карпош. Со тоа по повеќе од 15 години овој култен спортски објект за скопјани, ќе биде повторно ставен во функција за спорт и рекреација.
Салата ја реконструира Агенцијата за млади и спорт, а по завршување на градежните работи ќе биде предадена на Општина Карпош. Како ќе функционира салата односно кој ќе ја стопанисува, дали тоа ќе биде Општината или ќе биде дадена на приватна фирма како што беше претходно, кога пропадна, се` уште не се знае.
„Не сме одлучиле се` уште кој ќе стопанисува со салата. Тоа ќе се одлучи откако ќе завршат градежните работи, кои се при крај и наредниот месец очекуваме да биде готова“, ни изјава градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски.
- САЛАТА „ПАРТИЗАН“ ВО СКОПСКИ КАРПОШ, ПОДАРОК ОД ФРАНЦИЈА ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ, СЕ РАСПАЃА, РАЗУРНАТА И ЗАПАЛЕНА
-
ТИМОНИЕ ЈА ВИДЕ УНИШТЕНАТА САЛА „ПАРТИЗАН“ КОЈА Е ДОНАЦИЈА ОД ФРАНЦИЈА ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ
Спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ во населбата Карпош 4, или позата кај скопјани како „Партизан“ е изградена во 1969, како донација на француската влада за обнова на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963.
Салата во 2005 година од Јавното претпријатие за стопанисување со спортски сали беше дадена под концесија на 30 години на фирмата „Сенгруп“. Но, наместо да ја заживее, салата целосно пропадна, беше разурната, запалена, искршена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут, стакло и наликуваше дека во секој момент може да се урне.
По серијата текстови на САКАМДАКАЖАМ.МК, Владата и Агенцијата за млади и спорт во април лани почнаа да ја реновораат салата, а вчера веднаш до салата почнаа градежни работи и за изградба на затворен базен.
А. АНТЕВСКА