САМО 20 ОТСТО ОД 170.000 ЛИЦА НАД 70 ГОДИНИ СЕ ПРИЈАВИЛЕ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД-19

    САМО 20 ОТСТО ОД 170.000 ЛИЦА НАД 70 ГОДИНИ СЕ ПРИЈАВИЛЕ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД-19За вакцини против ковид-19, преку матичен лекар се пријавиле 32.917 граѓани над 70-годишна возраст.(Фото: Ѓ. Личовски)

    Само 20 отсто од планираните и евидентирани 170 илјади граѓани на возраст над 70 години се пријавиле до вчера за вакцинација против ковид-19.  Министерството за здравство денеска соопшти дека досега желба за вакцинација изразиле над 91.000 граѓани, од кои 42.371 се лица над 70-годишна возраст.

    Слабиот интерес за вакцнирање од највозрасните граѓани го потврдуваат и матичните лекари.

    „Нема таков интерес како што се очекуваше. За разлика од вакцинацијаta против сезонскиот грип, кога се чекаше за термин, сега возрасните над 70 години ретко потврдуваат дека сакаат да бидат вакцинирани. Не може да се каже зошто се резервирани, но факт е дека чекаат“, вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателкa на Здружението на приватни лекари.

    Ваква е состојбата во приватните здравствени ординации, потврдуваат и други лекари од Велес. По обврската која им ја даде Министерството за здравство телефонски да ги контактираат лицата над 70 години, малкумина од нив потврдиле дека ќе се вакцинираат.

    „Има случаи кога граѓанинот потврдува дека сака да се вакцинира, но тоа да било подоцна, по некое време. На прашањето зошто така, одговори дека ќе чека да види какви последици можеле да се јават. Во други случаи, пак, велат ќе се вакцинираат само со вакцина од одреден производител, не со оваa, не со онаа. Трети пак велат: ‘Се вакцинирав од сезонски грип, не сакам повеќе’“, вели приватен доктор од Велес.

    Вакцинацијата на лицата над 70-годишна возраст, според Националниот план за вакцинација, започнува веднаш после здравствените работници опфатени во првата фаза.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира