Минатата година регистрирани се 6 убиства на жени и 4 обиди за убиства, а за три месеци годинава има 4 убиства и два обиди, беше кажано на дискусијата за родово базирано насилство, организирана од Европската куќа во Велес како дел од дебатата „Носи ја промената“.
„Да не го заборавиме грозниот случај во кумановско село, каде имаме потенцијален сериски убиец, а жртвите допрва ќе ги броиме. Фемицидот не се случува наеднаш, на него претходеле години и години непријавувано или пријавувано некаква форма на насилство. Според нашите и странски истражувања, една жена пет години живее во таа насилна средина, додека го направи првиот чекор и го пријави сторителот. Многу е важно како системот, институцијата ќе одговори по првата пријава, како ќе се заштити жртвата. Економската зависност е основна причина што жртвата и покрај насилството останува да живее со сторителот, насилникот“, рече Ана Аврамовска-Нушкова, правна советничка во националната мрежа „Глас против насилството“.
Според статистиката, во 2024 само 27 отсто од жените во Македонија, или секоја четврта, имаа некаква сопственост, недвижен имот на свое име. Во руралните средини тој процент е само 5 отсто. Тоа говори за економската зависност од сопругот.
Се посочија и недореченосите со згрижување во шелтер-центарот. По престојот таму, жените пак се враќаат во насилната средина. Лани имало случај жена два пати да биде згрижена бидејќи животот ѝ бил загрозен, но без поддршка од нејзините блиски таа морала да се врати да живее со насилникот. За шелтер-центарот беше посочен пример на лошо законско решение. Кога жените одат во шелтер-центар, а имаат машко дете над 14 години, тоа не може таму да престојува, па мора да остане со таткото сторител на насилството, или со бабата и дедото. Ако има девојче, без оглед на возраста тоа може да престојува со мајката во шелтер-центарот.
- ПРАТЕНИЦИТЕ ОД МНОЗИНСТВОТО ОДБРАА ДА БИДАТ СОУЧЕСНИЦИ НА НАСИЛСТВОТО И ГО ОДБИЈА ЗАКОНОТ ЗА ЕЛЕКТРОНСКА НАРАКВИЦА ЗА СЕМЕЈНИ НАСИЛНИЦИ, РЕЧЕ ПРАТЕНИЧКАТА ЗАЈКОВА
- ВО 2026 ВЕЌЕ ИМА ЧЕТИРИ ФЕМИЦИДИ, ИНСТИТУЦИИТЕ СЕ СОУЧЕСНИЦИ АКО НЕ РЕАГИРААТ НАВРЕМЕ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА
Ангелина Димовска-Стојанова, психолог во Организацијата на жени Велес, рече дека фемицидот не се случува ненадејно, туку е крајна точка на еден подолг процес на тероризирање на жената и нејзино молчење.
„Во наше истражување од лани во кое беа опфатени 200 жени од Велешко, повеќето од нив кажаа дека не постои сексуално насилство во брак. Не се свесни дека сè што е без нивна согласност е некаков вид насилство. Како соседи слушаме караници, викање, како минувачи гледаме сцени како некоја жена се вознемирува на улица, ние не реагираме, сметаме дека е нормално, дека немаме право да се мешаме. Ние молчиме и тоа доведува повеќегодишното насилство да ескалира. Насилниците се многу добри манипулатори. Жртвите немаат доверба во институциите. Имаме советувалиште за жртви, работиме со нив, а не со сторителите. Работиме на санирање на последицата, а не на елиминирање на причината. Сите имаме одговорност да реагираме на насилството кога сме сведоци, а не да ги чекаме институциите. Тишината за насилството ќе носи се поголем број случаи“, рече Димовска-Стојанова.
На трибината беше и амбасадорот на Франција Кристоф Ле Риголер, кој зборуваше за насилството врз жените по искуствата на неговата држава во случајот со Жизел Пелико. Таа беше организирано силувана додека била под седативи и лекови кои ѝ ги давал сопругот за да ја онесвести, а наоѓал мажи да ја силуваат и тој го снимал сето тоа.
„Таа направи многу храбра одлука судењето да не биде зад затворени врати туку да даде голем публицитет на процесот. Не се фокусираше на нејзиниот случај, туку на сите за да се стави акцент на семејното насилство. Втора поента од случајот беше користењето на дрога, дрогирањето на жртвата. Трета поента е согласноста. Дотогаш се сметало дека ако жртвата не вели не, се согласувала. Сега е променето, ако жената молчи или е во бесознание, тогаш е силување. Молкот не е согласност за секс, но и проверка дали жртвата има во крвта опијати, алкохол. Тоа се промени ко и дојдоа по случајот Пелико“, рече Ле Риголер.
Амбасадорот на Шпанија Рафаел Соријано Ортиз, зборуваше дека во неговата држава со години се намалува бројот на родово базирано насилство.
„Собирањето податоци е многу важно за детектирање на проблемот за родовото насилство. Тоа се случуваа во домовите, зад затворени врати, невидливи за општеството. Шпанија има развиена методологија за да се утврди обемот на насилството и да се идентификуваат мерки за справување со него. Во 2024 година имало 34.684 жени кои биле жртви, тоа е 4,2 отсто помалку од 2023 година. Лани пак во Шпанија имало 45 фемициди што е најниска стапка од 2003 година. Чесно е да кажам дека работите се подобруваат, но и еден фемицид е премногу. Втор важен момент е јавната свест. Мораме сите да работиме за да се подобруваат работите. Основно е да работиме со децата во школите, за да бидат свесни, сензитивизирани од мали дека одредени нешта, ставови, начин на однесување не се компатибилни со современото општество, каде правото на рамноправно живеење ги уживаат девојките, жените и мажите“. рече Соријано Ортиз.
Минатата година Основното јавно обвинителство (ОЈО) Велес до Основниот суд Велес доставил 37 обвиненија за семејно насилство, при што се донесени осум одлуки со кои на обвинетите им е изречена казна затвор, 21 одлука со која се изречена алтернативна мерка – условна осуда, две решенија со кои на обвинетите им се изречена мерки на безбедност – задолжително психијатриско лекување и чување во здравствена установа. Обвинителството лани поднело до велешкиот суд две обвиненија против две лица и за кривично дело Демнење, а во еден случај е донесена правосилна пресуда со ефективна затворска казна.
Во шелтер-центарот на Центарот за социјални работи од Велес, кој е меѓуопштински, мината година била времено згрижена само една жена.
П. ПЕЧКОВ



