Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко денеска повторно најави дека се повлекува од ФК „Вардар“ и го враќа на Град Скопје. Во соопштението објавено на сајтот на ФК „Вардар“, Самсоненко вели дека финансирањето на клубот претставува голем товар за него и дека е многу тешко да се издржи откако му е земен хотелот кој почна да го гради на Плоштадот Македонија.
„Бев погоден финансиски со обидот за нелегално и криминално преземање на мојот објект во градба во центарот на Скопје кој требаше да биде главна финансиска поткрепа на спортските колективи. Правната постапка за спорот е во тек, искрено се надевам на позитивна разврска на целиот случај. Дополнителни потешкотии во финансирањето се создадоа и поради пандемијата на КОВИД-19. Поради овие причини принуден сум да го вратам овој клуб на Град Скопје“, вели во соопштението рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вели дека Самсоненко не го вратил ФК „Вардар“ на Град Скопје.
„Досега такво нешто официјално нема стигнато до Градот. Кога ќе стигне и доколку стигне ќе ја информирам јавноста“, вели Шилегов.
Сегреј Самсоненко го презеде ФК „Вардар“ од Град Скопје во 2014 година.
А. АНТЕВСКА