СЕ ЧУДИМЕ ЗОШТО НИКОЈ НЕ СЕ ЈАВИ НА ТЕНДЕРОТ ЗА УРИВАЊЕ НА ОБЈЕКТОТ КАЈ „МАВРОВКА“, УТРЕ РАСПИШУВАМЕ НОВ, ВЕЛАТ ОД ОПШТИНА ЧАИР

    СЕ ЧУДИМЕ ЗОШТО НИКОЈ НЕ СЕ ЈАВИ НА ТЕНДЕРОТ ЗА УРИВАЊЕ НА ОБЈЕКТОТ КАЈ „МАВРОВКА“, УТРЕ РАСПИШУВАМЕ НОВ, ВЕЛАТ ОД ОПШТИНА ЧАИРОд Општина Чаир ги повикуваат фирмите да се јават на тендерот и да достават понуди бидејќи нема дадено никакви посебни критериуми.(Фото: Фејсбук)

    Ниту една фирма не се пријавила на тендерот за уривање на дивоградби што го распиша Општина Чаир.  Вчера истече рокот за поднесување понуди, а денеска Комисијата за јавни набавки на Општината требаше да ги отвори и разгледува понудите, но тоа не се случи бидејќи никој не доставил понуда за отстранување на бесправно изградено објекти, меѓу кои е и дивоградбата пред ТЦ „Мавровка“ во центарот на Скопје.

    „И ние се чудиме зошто нема ниту една понуда, немаше никакви посебни услови во тендерот. Постапката е поништена и веќе утре распишуваме нов тендер зашто не сакаме да чекаме, сакаме што побрзо да се отстрани дивоградбата кај ТЦ ‘Мавровка‘. Ги повикуваме сите фирми да се јават на тендерот и да достават понуди, бидејќи немаме дадено никакви посебни критериуми. Тендерската документација е како на сите општини кои објавуваат вакви тендери и на кои се пријавуваат фирми за уривање“, велат од Општина Чаир.

    Тендерската постапка за доставување на понуди ќе трае 7 дена и од Општината велат ако овој пат тендерот е успешен, најдоцна за еден месец, имајќи ги предвид роковите за жалби, ќе може да се интервенира.

    Кој ја гради дивоградбата кај „Мавровка“ сѐ уште не се знае. Градоначалникот Висар Ганиу на прес-конференција на 23 јули кажа дека Општината донела решение за уривање на објектот, бидејќи општинските инспектори констатирале дека се гради без дозвола, но на градилиштето имало само работници и никој не презел одговорност дека е инвеститор. Затоа, Општината решението за уривање до непознат сторител го објави во Службен весник.

    Дивоградбата пред „Мавровска“ се гради на местото на кафулето „Фонтана“, кое изгоре во пожар пред два и пол месеци.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира