Екипи на ЈП „Комунална хигиена“ денеска ги мијат и дезинфицираат улиците во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Во акцијата се ангажирани триесет работници што со помош на две автоцистерни и едно специјално комунално возило надградено со резервоар во којшто се наоѓа посебно средство за дезинфекција, вршат рачно миење и дезинфекција на целокупниот простор. Во рамките на акцијата се спроведува миење и дезинфекција на сите садови за одлагање комунален отпад што се поставени во Клиничкиот комплекс.
„Оваа интервентна дезинфекција и чистење на улиците во рамките на Клиничкиот центар е една од серијата на мерки која Градот Скопје и градските јавните претпријатија ги спроведуваат поврзани со ширењето на корона вирусот“, вели директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани.
А. АНТЕВСКА