Повторно се активира пожар на депонијата „Буково“ во Охридскиот Регион. Најдиректно погодени се жителите од околните населени места, кои повторно се соочуваат со густ чад, непријатна миризба и стравувања за квалитетот на воздухот.
Особено погодено е селото Крушје, кое се наоѓа во непосредна близина на депонијата. За жителите секое ново палење на отпадот значи затворени прозорци и непријатен мирис, дури и во летните денови. Велат дека миризбата на изгорена пластика и чадот сериозно го нарушуваат квалитетот на воздухот и предизвикуваат загриженост за здравјето особено кај најмладите и повозрасните.
„Чадот завчера цел ден беше присутен кај нас, се гушевме цел ден. Вчера состојбата беше друга, ветрот го носеше кон Галичица и кон преспанските села. Цела Преспа е зачадена, сите се жалат. Благодарение на ветрот, кај нас е подобро. Сега е туристичката сезона, а доаѓа периодот кога, како и претходно, по цела зима се гушевме во чад. Секаде реагиравме, но никој ништо не презема. Знаете ли колку смртни случаи има од чадот? Ние тука сме постари луѓе, но има и мали деца. Ова е вистински тероризам што ни го прават. Кој ќе одговара? Ова е срамота, во 21 век да се палат депонии“, вели Димче Иваноски од село Крушје.
Од ЈП „Комуналец“ Охрид велат дека пожарот е локализиран, а во интервенцијата учествувале екипи на претпријатието, припадници на Територијалната противпожарна единица од Охрид и цистерна на јавното претпријатие.
„На депонијата е направен пресек со цел да се спречи ширењето на пожарот кон останатиот дел од депонијата. Континуирано се носат дополнителни количини земја, која се користи за покривање и задушување на жариштата, согласно состојбата на терен и потребите од интервенцијата. На овој начин се преземаат дополнителни мерки за целосно задушување на пожарот и спречување на негово повторно активирање. Екипите остануваат на терен за следење на состојбата и навремено реагирање“, велат од „Комуналец“.
Од граѓанската иницијатива „Збогум Буково“, која со години бара системско решение и редовна превенција сè до целосното затворање на депонијата, сметаат дека повторувањето на пожарите е последица на несоодветното управување и третман на отпадот.
Посочуваат дека проблемот со „Буково“ не може да се реши само со гаснење на пожарите, туку со трајно затворање на депонијата и воспоставување современ систем за управување со отпадот.
Долгорочното решение се очекува со изградбата на регионалниот центар за управување со отпад во Новаци. Според последните информации од надлежните институции, проектот се реализира според предвидената динамика, а до крајот на 2027 година треба да бидат затворени проблематичните нестандардни депонии во Југозападниот регион. Меѓу нив е и „Буково“, која со децении останува еден од најголемите еколошки проблеми за Охридскиот и Преспанскиот регион.
С. ВРЕНЦОВСКА



