СЕ ОБНОВУВА ОШТЕТЕНАТА МАРКАЦИЈА НА ПЛАНИНСКАТА ПАТЕКА ОД ПОПОВА ШАПКА ДО ТИТОВ ВРВ

    СЕ ОБНОВУВА ОШТЕТЕНАТА МАРКАЦИЈА НА ПЛАНИНСКАТА ПАТЕКА ОД ПОПОВА ШАПКА ДО ТИТОВ ВРВВо обновувањето учествуваат претставници од Здружението за одржлив развој САТ, планинари од Тетово и вработени во Националниот парк „Шар Планина“. (Фото: САТ)

    Откако неодамна засега непознати сторители оштетија 45 столбови за зимска маркација на патеката од Попова Шапка до Титов Врв, деновиве започна акција за нивна обнова и унапредување на маркацијата за оваа позната и многу посетувана дестинација од планинарите и посетителите на Шар Планина. Во обновувањето на оштетените столбови на патеката, која има вкупно 112 столбови, учествуваат претставници од Здружението за одржлив развој САТ од Скопје, планинари од Тетово и вработени во Националниот парк „Шар Планина“.

    „Изминатава работна недела се фокусиравме на поставување нови патокази и столбови долж летната ‘Вакафска патека’, која ги поврзува Попова Шапка и Титов Врв. Благодарение на добрите временски услови и обезбедената логистика, успеавме паралелно да исчистиме и транспортираме дел од старите прозорци од кулата на Титов Врв и оштетените зимски столбови“, изјави Александар Богоевски од САТ.

    Од ова здружение најавуваат дека теренските активности ќе продолжат и во следниот период, со цел да се обезбедат подобри и посигурни услови за сите посетители на Шар Планина.

    Штетата се проценува на најмалку 8.000 евра, односно околу 500.000 денари, соопшти тогаш Федерацијата на планинарски спортови. Маркацијата, поставувана од ноември 2025 до јули 2026, е дел од проектот „Славков“, во чија реализација учествувале над 25 локални волонтери и мали бизниси од Тетово и Боговиње. Проектот е поддржан од амбасадите на Австрија, Чешка и Словачка, „Скопска Пивара“ и други партнери.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира