СЕ РУШАТ ПЛАЖИТЕ ВО ЛАГАДИН, КОНЦЕСИОНЕРИТЕ ОБВИНИЈА ЗА СЕЛЕКТИВНОСТ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВЕЛИ ЌЕ СЕ ОТСТРАНИ СЀ ШТО Е ДИВО ПОСТАВЕНО

    СЕ РУШАТ ПЛАЖИТЕ ВО ЛАГАДИН, КОНЦЕСИОНЕРИТЕ ОБВИНИЈА ЗА СЕЛЕКТИВНОСТ, ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ВЕЛИ ЌЕ СЕ ОТСТРАНИ СЀ ШТО Е ДИВО ПОСТАВЕНОНајдоцна до 15 јуни треба да биде завршено чистењето на плажите од времени објекти и тие да бидат уредени со песок од сливот на Езерото. (Фото: СДК.МК)

    Со рушење на плажите кај Лагадин, денеска во Охрид продолжи акцијата за отстранување на диво поставените објекти долж Езерото. Во присуство на полицијата се отстрануваа шанковите и објектите на плажите „Акапулко“ и „Плажа 10“. Според најавите, отстранувањето на бесправно изградените објекти ќе продолжи и на останатите две плажи во оваа туристичка населба.

    Сопствениците гневни и немоќни велат дека Општината е селективна бидејќи плажите пред големите хотели остануваат, а нивните се рамнат со земја.

    „За овие четири плажи кои се рушат се прави лажна слика дека Општината се бори против урбаната мафија. Ете ние сме урбаната мафија, а овие кои се влезени во езеро како ‘Метропол‘, ‘Белви‘, ‘Парк‘ си функционираат. Се чуствувам изманипулирана и гневна. На ова место не постоеше плажа, беше змијарник. Направив и потпорен ѕид, паркинг. Вложено е околу 80 илјади евра“, вели Виолета Јаневска, концесионер на „Плажа 10“.

    Концесионерите на плажите од хотел „Метропол“ до Пештани велат дека нивните плажи не се дивоградби, бидејќи се градени според одобрени проекти и услови пропишани од Министерството за животна средина.

    „Инсистираа да има платформи, тоалети, паркинг. Правевме санитари чворови. Ни беше кажано дека ќе се корегираат договорите според условите, но со префрлање на ингеренциите на локалната самоуправа постојано се вршеше притисок дека ќе нѐ рушат. Последниве две години немаме договори поради нивна вина, не пропишаа услови. Плажата е жива материја и секоја година вложуваме за на крај да нѐ рушат“, вели Јаневска.

    Сопственичката на хотел „Лагадин“ вели дека за плажата им било понудено да се земе со непосредна спогодба, но наместо договор добиле решение за рушење.

    „Пред ‘Метропол‘, ‘Гранит‘ ништо не се руши единствено пред хотел ‘Лагадин‘ и пред хотел ‘Макотекс‘. Каде треба да си ги бараме ние нашите права при ваква селективност“ , вели Даница Бачовска.

    Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески веќе подолго време најавува чистење на крајбрежјето и уредување на плажите пред почеток на летната туристичка сезона. Според него, акцијата продолжува со рушење на сѐ што е бесправно изградено.

    „За секоја активна дива градба треба да се пристапи за отстранување по однос на решението. Тоа отсега ќе биде вообичаена пракса и за секоја дива градба ќе се постапува соодветно. Знам дека тие објекти се репрезентативни и навистина е штета што треба да се отстранат, но земјиштето мора да се врати во првобитна состојба. Сите тие луѓе кои ги имале тие плажи под концесија и вршеле дејност треба да бидат свесни дека едноставно нивното време заврши, мора да ги ослободиме плажите, нема да има веќе узурпација со лежалки и наплаќање паркинг на диво. Охрид е светско природно и културно наследство, Охрид е на сите нас, сите тие плажи се на сите нас, и ние оваа година ќе ги ослободиме. Нема повеќе да дозволиме узурпација на државно земјиште и да се стекнуваат со финансиска корист на земја која е на сите нас“, вели Георгиески.

    Најдоцна до 15 јуни треба да биде завршено чистењето на плажите од времени објекти и тие да бидат уредени со песок од сливот на Охридско Езеро. За таа цел, обезбедени се 6 милиони денари од Владата и дополнителни 3 милиони денари од општинскиот буџет.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира