СЕ УРИВААТ СТОЛБОВИТЕ ВО ВАРДАР НА КОИ ТРЕБАШЕ ДА СТОИ ПАНОРАМСКОТО ТРКАЛО НА ГРУЕВСКИ

    СЕ УРИВААТ СТОЛБОВИТЕ ВО ВАРДАР НА КОИ ТРЕБАШЕ ДА СТОИ ПАНОРАМСКОТО ТРКАЛО НА ГРУЕВСКИ„Според новиот проект, сите 4 бетонски столбови ќе се урнат и со тоа коритото на реката Вардар ќе биде ослободено“, велат од Град Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Екипи на ГП „Бетон“ денеска почнаа со уривање на бетонските столбови во реката Вардар на кои требаше да стои панорамското тркало од проектот на Владата на Никола Груевски „Скопје 2104“.

    „Според новиот проект, сите 4 бетонски столбови ќе се урнат и со тоа коритото на реката Вардар ќе биде ослободено. Летово треба да завршат градежните работи за изградба на мостот, со што ќе бидат остранети и препреките кои се наоѓаат на кејот со кои сега е блокирано движењето“, велат од кабинетот на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

    Според новиот проект, мостот нема да има барокни елементи. За да се гледа симболот на градот Камениот мост, ќе биде поставена проѕирна ограда.

    Градоначалникот Петре Шилегов лани во април најави дека градските власти одлучиле мостот да не се урива, туку да се догради без панорамското тркало и да биде пешачки премин. Град Скопје и изведувачот ГП „Бетон“ постигнале договор мостот да се догради по пониска цена од онаа во првичниот договор во  времето на Груевски. Наместо 7 милиони евра, Градот треба да доплати 3,1 милиони евра.

    „Донесовме одлука да се догради пешачкиот мост. Уривањето, онака како што е сегашната позиција на мостот, заедно со заостанатите плаќања и обврските кон германските партнери кои требало да го градат тркалото би нè чинело 3 милиони евра. Успеавме за истата цена да договориме тој да се догради. Коритото на реката Вардар повторно ќе стане безбедено бидејќи нема да има фундаменти во него. Мислам дека оваа варијанта е добра за граѓаните“, изјави во април минатата година градоначалникот Шилегов.

    Мостот, на кој што според проектот требаше да стои панорамско тркало, почна да се гради во 2014 година. Град Скопје тогаш проектот го предаде на ЈСП „Скопје“, а пари покрај од буџетот на Градот се обезбедуваа и преку донации од Агенцијата за електронски комуникации. Според договорот со ГП „Бетон“, изградбата требаше да чини 18 милиони евра. Досега на изведувачот му се исплатени 10 милиони евра.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира