СÈ УШТЕ ВЕЛАТ „А БРЕ АМАН, Ѝ ТЕКНАЛО НЕЈЗЕ, ТАА ЌЕ ГИ СРЕДУВА РАБОТИТЕ“, ПОДКАСТ СО ГАБРИЕЛА ИЛИЕВСКА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛА

    СÈ УШТЕ ВЕЛАТ „А БРЕ АМАН, Ѝ ТЕКНАЛО НЕЈЗЕ, ТАА ЌЕ ГИ СРЕДУВА РАБОТИТЕ“, ПОДКАСТ СО ГАБРИЕЛА ИЛИЕВСКА, ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА БИТОЛАВо овој град се реагира само ако некого го исплукате максимално пред јавноста, вели Илиевска. (Фото: СДК.МК)

    Габриела Илиевска, советничка од назависната граѓанска иницијатива „Поинаку“ и претседателка на Советот на Општина Битола, во подкастот „За секого по нешто“ на САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека за да се развива градот треба на клучните раководни места да застанат професионалци, а не луѓе поставени од партија.

    Подкастот е снимен во близина на местото каде на 15 јули избувна пожарот од депонија кај обиколницата во Битола. Подкастот беше снимен неколку дена претходно. Всушност, на местото каде снимавме порано беше депонија и за да се запре фрлањето смет беа ставени камења. Но, депонијата се префрли погоре, од каде што и се запали. Во пожарот што се гасеше два дена, изгорени се над сто хектари нискостеблеста вегетација и мешовите шума претежно со багрем, а полицијата рече дека пожарот е предизвикан од човечки фактор.

    Подкастот со Габриела Илиевска може да го гледате тука:

    Илиевска смета дека на градот му требаат вистински решенија, а не импровизации. Критикува дека смрди, бидејќи не се вложува во замена на камионите за ѓубре кои течат кога се подига сметот, дека редовно не се мијат улиците, „настрешницата“ – како што го нарекува прифатилиштето – нема доволен капацитет за да го реши проблемот со улични кучиња… Вели секој ден би можеле да организираат герили, не за ‘Поинаку’ да биде попопуларно, туку затоа што „во овој град се реагира само ако некого го исплукате максимално пред јавноста“.

    Илиевска рече дека додека е советничка, ќе направи сè што е во нејзина моќ градот да не биде заложник на никаква партиска фигура водена од некоја политичка машинерија која ќе му наредува како да се однесува.

    „Какво е тоа давање директорски места на која било и да е политичка партија? Целта на ‘Поинаку’ е на местата кои се клучни во градот, а тоа се директорите на јавните претпријатија, членовите на управните и надзорните одбори, на училиштата, да бидат професионалци кои исполнуваат услови, кои ќе покажат дека добро менаџираат, дека овозможуваат развој на установата. Верувавме дека тоа може да се случи, но бевме сведоци на партиско поставување кадри, непотизам, луѓе кои не исполнуваат услови, нетранспарентност “, вели Илиевска.

    Таа смета дека независните советеници се најздравото ткиво во локалните самоуправи. Но, доаѓаат во судир со политичките партии зашто им ја нарушуваат комоцијата.

    „Кога независни луѓе ќе влезат внатре во институциите, партиите ги сфаќаат како најголеми непријатели бидејќи им се мешате во комоцијата и им создавате едно чувство дека ќе им го земете приматот. Нашата цел не е партиска, туку градот да тргне напред. Приоритетите на градот, а не приоритетите на партиските структури и политичките интереси. Дека интересот ни е само Битола, можам да набројам мал милион примери кога сме гласале заедно и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ, но и голем број примери кога тие заедно гласале одредени одлуки од кои имале заеднички интерес. Затоа, тврдам дека независните советници се едно од најздравите ткива во локалните институции и тоа е иднината на политиката“, додава таа.

    Прашана дали трпи поголеми притисоци како жена во политика или независна политичарка, вели: „Тоа што сум жена политичарка е додадена вредност“.

    „Во ова општество не можат да сфатат дека можеш да бидеш независен, дека никој не може да се пазари, да те поткупи, да те уценува, дека немаш страв. Ќе бидам брутално искрена, сè уште живееме во општество каде велат ‘а бре аман, ѝ текнало нејзе, сега таа ќе ги средува работите’. А тоа што доаѓам од независна листа е уште полошо, зашто позади мене немам машинерија да ме брани, па место за грешки нема. Сепак, по патот што го одам имам многу поддршка од сите оние кои се дел до ‘Поинаку’“, вели Илиевска.

    На снимањето на подкастот дојде со маичка „Битола пред сè“, додавајќи дека нема откажување од целта.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира