Помина една година откако Советот на Град Скопје по предлог на ексградоначалникот Петре Шилегов ги врати старите имиња на улиците во Скопје и беа избришани оние со имиња на личности од античката историја. Но, таблите со старите имиња сè уште стојат па така Ленинова и понатаму е Аминта Трети, Железничка е Јордан Мијалков, 4 Јули е Борис Сарафов.
Од почетокот на минатиот месец и Министерството за внатрешни работи почна да издава лични документи со новите имиња на улиците на Скопје.
Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска, како и многупати досега, и на ова прашање не добивме одговор. Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК уште на 8 март до кабинетот на Арсовска и пиар тимот го испрати прашањето кога ќе се сменат таблите со старите имиња. До денеска не добивме одговор.
Лани на 29 декември, новото мнизинство во Советот на Град Скопје предводено од ВМРО-ДПМНЕ проба да ја поништи одлуката донесена во времето на Шилегов и на сила да останат имињата ставени во нивно време. Предлогот беше доставен од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а поддржан од Левица, Алијанса на Албанците и Алтернатива. Но, пред точката да дојде на дневен ред беше повлечена по барање на службите од Градот. Тогаш Арсовска не се изјасни дали како градоначалничка на Скопје смета дека треба да се вратат старите антички имиња на улици во Скопје и да се поништат новите донесени од нејзиниот претходник.
Сега се вратени старите имиња на Ленинова, Железничка, 4 Јули, Мексичка, Каирска, Стив Наумов, Салвадор Аљенде, 29 Ноември, Бихаќка, Владимир Комаров, Руди Чајавец, Жарко Зрењанин, Драчевска, Ратко Митровиќ и други, кои исто така беа заменети со нови имиња.
Според новата листата, улицата Адолф Циборовски сега се вика Горан Стефановски, булеварот ВМРО се вика Блаже Конески, улицата Стив Наумов (поранешна Ленинградска) Славко Јаневски, а улицата 1523 во Кисела Вода се вика Благоја Георгиевски-Буштур.
Мостот Тодор Александров, популарно наречен мост Близнак, е преименуван во мост Накие Бајрам и Роса Плавева, мостот Слобода кај „Холидеј ин“ се вика мост Вера Ацева, а новиот мост кој се гради од Аеродром кон поранешен саем ќе се именува Генерал Михајло Апостолски. Новиот булевар кој е предвидено да биде изграден од Обиколница до булевар Словенија, а поминува низ Визбегово, ќе се вика Хасан Приштина, булеварот Христијан Тодоровски-Карпош од улицата Џон Кенеди до булеварот Босна и Херцеговина се преименува во Мајка Тереза.
А. АНТЕВСКА