Попладневно се запалил автобус после наплатната рампа Отовица на автопатот Велес-Скопје. Автобусот сообраќал на релацијата Прилеп-Скопје и ја напуштил автобуската станица во Велес околу 16 часот. Патниците избегале од автобусот, кој потоа за кратко време пламнал.
„На автопатот Велес-Скопје, кај наплатната станица Отовица, се запалил автобус со прилепски регистарски ознаки. Сите патници навремено го напуштиле автобусот и нема повредени“, соопшти Ана Милевска-Ѓорѓиева, портпаролка на СВР Велес.
На дежурните служби од велешката служба за Итна помош им било кажано дека има запален автобус, но нема потреба од нивна интервенција, бидејќи немало повредени. Огнот бил локализиран од Територијалната противпожарна единица од Велес, која интервенирала со едно возило и четворица пожарникари.
„По пристигнувањето на самото место, пожарот е затекнат во развиена фаза, но благодарение на брзата интервенција за брзо е ставен под контрола и потоа целосно изгаснат. Во акцијата нема повредени“, информираа од ТППЕ Велес.
Пожарот бил локализиран во 17:40 часот. На местото на настанот увид вршат полициски службеници од Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај од Велес.
Пред седум дена, во ноќните часови, автобус кој превезувал ученици од скопската гимназија „Орце Николов“ кај истата наплатна рампа беше исклучен од сообраќај и испратен на вонреден технички преглед, откако четирипати се расипал при враќање од екскурзија во Грција.
П. ПЕЧКОВ



