СЕМЕЈНИТЕ ПРОСЛАВИ СЀ УШТЕ СЕ ГЛАВЕН ПРОБЛЕМ ЗА ШИРЕЊЕТО НА КОВИД-19 ВО ТЕТОВО И ОКОЛИНАТА, ВЕЛИ КРИЗНИОТ ШТАБ

    СЕМЕЈНИТЕ ПРОСЛАВИ СЀ УШТЕ СЕ ГЛАВЕН ПРОБЛЕМ ЗА ШИРЕЊЕТО НА КОВИД-19 ВО ТЕТОВО И ОКОЛИНАТА, ВЕЛИ КРИЗНИОТ ШТАБ„Апелираме до граѓаните да бидат одговорни и свесни за сериозноста на состојбата во која се наоѓаме, мерките и ограничувањата од надлежните органи строго да се почитуваат, бидејќи во спротивно органите на прогонот ќе постапат со нулта толеранција, казнувајќи ги во согласност со законот сите прекршители и граѓаните“, велат од Кризниот штаб во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    Организирањето семејни веселби на кои се собираат голем број лица и понатаму е главен проблем во Општина Тетово и околните пет општини, каде досега од ковид-19 вкупно заболеа 2.765 лица, од кои 1.069 се излекувани, 114 се починати а 981 се активни случаи.

    „Во Клиничката болница во Тетово, 45 лица се хоспитализирани на Инфективното одделение, главно со симптоми и во сериозна здравствена состојба и се на кислородна поддршка. Како што информираат здравствените власти, Клиничкиот центар во Тетово во моментов сè уште е со доволен капацитет во однос на болнички кревети и здравствен персонал за да ги опслужи пациентите со тешка и критична клиничка слика“, велат од Кризниот штаб на Општина Тетово.

    Од болнички извори дознаваме дека во меѓувреме, бројот на хоспитализирани нараснал за уште две лица. Сите хоспитализирани лица се во тешка состојба и се на кислородна поддршка. Како што велат од Тетовската болница, причината за тоа е што најголемиот број од заболените доцна се јавуваат на лекар кога болеста веќе зела голем замав и поради тоа потешко може успешно да се интервенира.

    „Во соработка со Државниот пазарен инспекторат при извршена контрола во хотелски објект во Тетово на улицата Беличица е утврдено непочитување на владиниот декрет, односно субјектот продолжил да работи и по 21 часот. Останува проблемот со организирање семејни собири и забави во затворено кој влијае на влошување на епидемиолошката состојба во земјата. Апелираме до граѓаните да бидат одговорни и свесни за сериозноста на состојбата во која се наоѓаме, мерките и ограничувањата од надлежните органи строго да се почитуваат, бидејќи во спротивно органите на прогонот ќе постапат со нулта толеранција, казнувајќи ги во согласност со законот сите прекршители и граѓаните кои постапуваат спротивно на пандемиските мерки и протоколи“, стои во соопштението од Кризниот штаб.

    Почнува да се влошува состојбата во училиштата, се јавуваат сѐ поголем број заразени меѓу наставниот кадар. Има 19 позитивни наставници во основните училишта, додека 5 одделенски групи со ученици се во домашна изолација. Во среднитте училишта има 18 професори позитивни на ковид-19, но овде наставниот процес се одвива онлајн и според планот, а веќе од наредната недела се очекува да започне и првото оценување.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира