ШЕСТ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ОБВИНЕТИОТ МУСТАФОВ, КОЈ ПРИЗНА ДЕКА ЗАПАЛИЛ КАЗИНО ВО ВЕЛЕС ОТКАКО ГИ ПРОКОЦКАЛ ПАРИТЕ, ПА ПРЕДИЗВИКА ШТЕТА ОД ПОЛА МИЛИОН ЕВРА

    ШЕСТ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ОБВИНЕТИОТ МУСТАФОВ, КОЈ ПРИЗНА ДЕКА ЗАПАЛИЛ КАЗИНО ВО ВЕЛЕС ОТКАКО ГИ ПРОКОЦКАЛ ПАРИТЕ, ПА ПРЕДИЗВИКА ШТЕТА ОД ПОЛА МИЛИОН ЕВРАМустафов го запали казиното „Вила Зора“ на 18 јануари годинава, а пожарот беше локализиран по два часа гасење. (Фото: СДК.МК)

    Дритон Мустафов (43) од Бузалково призна дека опожарил казино во Велес, при што сторил голема материјална штета, а станарите кои биле над просторијата на клубот ноќта ја минале по роднини оти дома не се чувстувале безбедни. Судијката Валентина Ѓорѓиевска го прогласи за виновен за кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“ со предизвикување на општа опасност, на место каде има собрано повеќе луѓе, и му изрече казна затвор од шест годивни, со тоа што притворот му се продолжува до правосилноста. Изречената пресуда не е правосилна.

    „Обвинетиот со предизвиканиот пожар сторил голема материјална штета, но среќа е што нема човечки жртви“, кажа обвинителката Аделина Станинова.

    Проценетата штета од пожарот, по извршеното вештачење е 32,7 милиони денари, при што на казиното причинил штета од 32,5 милиони денари, а на петмина станари кои живееле над просторијата, штетата им е процената на 212 илјади денари. Тие и други семејства уплашени по безбедноста ноќта ја минале кај роднини пријатели.

    „Се каам за стореното, се извинувам на станарите. Изгубив многу пари. Штетата ќе ја надоместам, кога ќе бидам во можност“, кажа во завршен збор обвинетиот Мустафов.

    Тој е невработен, нема имот на негово име и се бави со земјоделие.

    Настанот се случи на 18 јануари годинава околу 17,40 ч. во казино „Вила Зора“ на улицата Благој Ѓорев. Според обвинението, Мустафов бил присутен во објектот тој ден како играч на апарати и се коцкал. По неколкучасовно присуство, откако изгубил поприлична сума пари, тој се упатил до блиската бензиска пумпа, каде наточил бензин во две пластични шишиња. Се вратил, ги попрскал столовите и апаратите, извадил запалка и ги запалил. Се слушнал звук на кој реагирала вработената и го прашала ‘Што правиш’, тој се оглушил, не одговорил. Во клубот имало други играчи, пожарот се проширил, се слушнала експлозија, луѓето во објектот биле доведени во опасност. Мустафов се дал во бегство, при што бил совладан од двајца полицајци, кои го фатиле. Пожарот беше локализран во 19,40 ч.

    Бранителката на обвинетиот, адвокатката Драгана Николова, кажа дека тој не бил во алкохолизрана состојба критичното попладне.

    „Делото го сторил во афектна состојба, нервоза поради губењето голема сума пари. Барам поблага казна, оти има сопруга која е болна и нема кој да се грижи за петте деца“, кажа Николова.

    Мустафов на 1 мај лани во вечерните часови скокнал во Вардар кај Велес, откако во коцкарница изгубил значајна сума пари. После Стар мост, смогнал сили и излегол од реката, иако премален и смрзнат од ладна вода, во лоша здравена состојба стигнал до куќа на улица Коле Цветков, чии сопственици повикале Итна помош, по што беше згрижен во болница, поради хипотермија. Во 2016, обвинетиот бил осуден за криумчарење мигранти, и кажа дека казната затвор ја одлежал.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира