Викендов на Попова Шапка шест искусни планинари се нашле во ситуација да се борат за својот живот поради исцрпеност или поради лошите временски услови, информаираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Во саботата ЦУК од фирмата „Ескимо Фрирајд“, која стопанисува со ратрак возила на Попова Шапка, добиле информација дека бил спасен еден планинар кој колабирал на високите предели кај Титов Врв на Шар Планина. Тој бил со група од 20 планинари од кои десет поради замор биле вратени долу со ратрак.
Во неделата, од истата фирма, во истиот планински предел спасиле пет залутани планинари. Тие биле искусни планинари, членови на планинарски клубови од Скопје и Куманово, кои искачувањето го започнале по убаво и сончево време, но кога почнале да се спуштаат, се загубиле во густата магла. Сите набрзо биле пронајдени и однесени до Попова Шапка.
Поради ова од ЦУК апелираат до сите кои ги искачуваат повисоките врвови во зима, да одат на планинарење со водичи или искусни планинари.
Од „Ескимо Фрирајд“ велат дека во својата 20-годишна работа во зимскиот период, со нивните ратрак возила, во една зимска сезона спасуваат и до педесетина лица- планинари, скијачи и посетители кои се нашле во опасност на Шар Планина.
З.АНДОНОВ