Град Скопје ќе ги тргне двете вртелешки кои ексградоначалникот Коце Трајановски ги стави на Плоштад Македонија и на кејот на Вардар пред Министреството за надворешни работи. Од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека вртелешките ќе се тргаат бидејќи овие локации се несоодветни односно се блокира кејот на Вардар, а на втората локација нема доволно посетители. Поради тоа тие ќе се носат на нови локации односно се размислува да бидат поставени во паркот во Чаир и во паркот на езерата во Аеродорм.
„Втората локација пред МНР е несоодветна поради тоа што нема фреквентност на движење. Каруселите се отстрануваат по барање на велосипедистите коишто бараат да се ослободи поголем простор за пешаци и велосипедисти на тие локации. Исто така, поради близината на локациите, бројот на посетители на двата карусела остана приближно ист со бројот на посетители кои досега го користеа првиот карусел лоциран на плоштадот Македонија, односно незначително се зголеми, а со тоа и приходот од двата карусела остана речиси ист, а се подели на два реквизита, додека пак трошоците кои се создадоа за друштвото се значително поголеми“, велат од кабинетот на градоначалникот Шилегов.
Првата вртелешка на Плоштад Македонија беше поставена во 2013 година. За да се вклопи во проектот „Скопје 2014“ за неа беше изградена и барокна билетара. Чинеше околу 160.000 евра, а ја набави ЈП „Паркови зеленило“ со пари кои му беа префрлени од буџетот на Град Скопје. Во 2017 година овој реквизит има остварено приход од 2.393.990,00 денари. Трошоците за плати и придонеси на месечно ниво за вработените на овој реквизит изнесуваат 150.000,00 денари.
Втората вртелешка пред барокната зграда на МНР односно на плоштадот Пресвета Богородица беше поставена лани во јули иако првично од ЈП „Паркови и зеленило“ велеа дека ќе стои на Плоштадот Филип Втори. Таа е поскапа од првата и за неа Град Скопје потроши 187.000 евра, но не е ставена целосно во употреба, како што објаснуваат од Град Скопје бидејќи сè уште не се отстранети одредени недостатоци кои се посочени на носителот на набавката, односно не можел да се поврзе на струја. Поради тоа, овој реквизит има работено само 7 дена, период за кој се остварени приходи од вкупно 350 денари.
А. АНТЕВСКА