ШИЛЕГОВ СЕ ПРЕМИСЛИ, НА ВОДНО ЌЕ МОЖЕ СО КОЛИ

    ШИЛЕГОВ СЕ ПРЕМИСЛИ, НА ВОДНО ЌЕ МОЖЕ СО КОЛИШилегов вели дека оваа одлука ја донеле бидејќи имало барања од граѓани да се дозволи движење на возила до Водно, како и на кафанџиите на кои им бил намален прометот. - Патот по Средно Водно пред да биде воведена забраната беше секој викенд блокиран од возила (Фото: Фејсбук)

    Од наредниот викенд до Средно Водно ќе може да се оди со автомобили, а паркингот ќе се наплатува. Градоначалникот Петре Шилегов денеска кажа дека иако смета дека не е добро да се оди на Водно со возила, сепак ќе ја укине забраната, но паркирањето ќе биде скапо односно 100 денари за првиот час и 50 денари секој нареден час. Ќе останат бесплатните автобуски линии кои возат до Водно откако лани во ноември беше воведена забраната како и бесплатното паркирање во катните гаражи од каде тргнуваат автобусите.

    Шилегов вели дека оваа одлука ја донеле бидејќи имало барања од граѓани да се дозволи движење на возила до Водно, како и на кафанџиите на кои им бил намален прометот.

    „Мислам дека не е добро да се оди со возила на Водно. Но одлуката која ја донесовме во ноември беше од времен карактер со цел да се среди хаосот со паркирани возила. Исто така имаше и реакции од граѓаните дека сакаат со коли да одат на Водно, како и од четирите угостителски објекти таму кои велат дека немаат работа поради забраната и мораат да ги затворат објектите доколку не се промени одлуката. Реагираа и жителите на Нерези, кои се жалеа дека паркингот кај црквата свети Пантелејмон и улицата се преплавени со коли. Воведуваме високи цени за паркирање со цел да го дестимулираме движењето на возила, а ги оставаме бесплатните автобуски линии“, рече Шилегов.

    Градоначалникот Шилегов објасни дека паркингот е дигитализиран и дека на почетокот на патот кој води до Средно Водно ќе се постави табла која ќе покажува дали и колку празни паркинг места има паркингот. Тој вели дека пајакот ќе ги крева колите кои непрописно ќе се паркираат по улиците а страничните делови на патот ќе бидат заградени за да не може да се паркираат возила.

    „Нема идеално решение. Средствата кои ќе ги остваруваме како приход од паркирањето ќе бидат наменети за одржување на парк шумата Водно“, додаде Шилегов.

    Градот во моментов е во преговори со Македонската православна црква која е сопственик на земјиштето во Нерези кое сега се користи како паркинг да се воведе и таму наплата.

    Градоначалникот Петре Шилегов лани во ноември ја воведе мерката за забрана за движење на возила на Водно со цел да се заштити парк шумата Водно, како и една од краткорочните мерки за намалување на загадувањето.

    „Го ослободуваме Водно од возила со цел да ги заштитиме природните убавини и просторот за рекрерација. Оваа мерка е дел од заложбите на Град Скопје за поздрава животна средина, почист простор за спорт и рекреација имајќи го во предвид здравјето на граѓаните“, рече Шилегов лани во ноември кога на прес-конференција ја најави забраната за движење на возила на Водно.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира