ШТЕТА ШТО НЕМАШЕ ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ, МИЦКОСКИ ЗА РАЗЛИКА ОД ВЛАДАТА Е ПРОАКТИВЕН, ИМ РЕЧЕ НА СОВЕТНИЦИТЕ ОД СДСМ  ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА

    ШТЕТА ШТО НЕМАШЕ ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ, МИЦКОСКИ ЗА РАЗЛИКА ОД ВЛАДАТА Е ПРОАКТИВЕН, ИМ РЕЧЕ НА СОВЕТНИЦИТЕ ОД СДСМ  ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКАМене многу ме радува тоа што некој во оваа држава е проактивен и сака да донесе некоја инвестиција за разлика од вашите министри кои не најдоа за сходно 4 месеци да се јават и да речат ајде нешто да направиме  за граѓаните на Скопје.(Фото: К.Попов)

    Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска смета дека нема ништо спорно во тоа што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преговара за набавка на автобуси и дека тој за разлика од СДСМ работи на реализација на проекти и носење инвестиции во земјава. На денешната седница на Советот на Град Скопје каде на дневен ред беа советнички прашања Арсовска од говорницата на советниците на СДСМ им кажа дека е штета што не се одржале парламентарни избори на кои тие ќе биле казнети од граѓаните.

    Советничката од СДСМ Лилјана Божиновска ја праша Арсовска кој го овластил и во чие име Мицкоски како лидер на партија преговара за набавка на автобуси, дали таа ги има деталите за оваа набавка и начинот на плаќање со оглед на тоа дека дека во буџетот за 2022 нема пари за оваа намена. Божиновска праша и дали проектот за брз автобуски превоз е прекинат за да се договори набавката за која преговара Мицкоски.

    Арсовска одговори дека во буџетот на Градот нема пари оти претходното раководство трошело пари на бифтеци и скапи вина.

    „За нешто да се набави не мора да има пари, може да има грант, може да има проекти или европски донатори. Мене многу ме радува тоа што некој во оваа држава е проактивен и сака да донесе некоја инвестиција за разлика од вашите министри кои не најдоа за сходно 4 месеци да се јават и да речат – ајде нешто да направиме  за граѓаните на Скопје. Вие за 4 години набавивте 33 автобуси, сега ние имаме 4 години да набавиме. Затоа престанете да напаѓате, научени сме веќе на тоа. Како да ви кажам, народот ве прочита, голема е штетата што не дозволивте да има и предвремени парламентарни избори за да ви ја пренесат пораката“, рече Арсовска.

    Градоначалничката и овојпат не одговори кои се тие европски донатори кои сакаат да дадат пари за да се купат електрични автобуси во Скопје.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира