ШТИПСКАТА БОЛНИЦА СЕ ПОЛНИ СО ПАЦИЕНТИ ОД ДЕЛЧЕВСКО БОЛНИ ОД КОВИД -19, НЕ СЕ ЗНАЕ КАКО ЗАБОЛУВААТ

    ШТИПСКАТА БОЛНИЦА СЕ ПОЛНИ СО ПАЦИЕНТИ ОД ДЕЛЧЕВСКО БОЛНИ ОД КОВИД -19, НЕ СЕ ЗНАЕ КАКО ЗАБОЛУВААТИнфективното одделение во Штипската болница деновиве се полни со пациенти од Делчево и околните села, а не се знае за каков кластер станува збор. Двајца делчевчани утрово починаа, а за четворица нови хоспитализирани се чекаат резултатите. (Фото: СДК.МК)

    На Инфективното одделение во Штипската болница утрово починаа двајца пациенти од Делчево на возраст од 60 и 78 години кои биле хоспитализирани со тешка клиничка слика, додека 40-годишниот пациент од Делчево кој почина на Инфективната клиника во Скопје со тешки симптоми бил примен во Штип пред една недела, но веднаш бил препратен во Скопје поради сериозната здравствена состојба.

    „Во последните две недели Инфективното одделение при Клиничката болница во Штип се полни со пациенти заразени со Ковид-19, а гравитираат од Делчево. Во моментов, од вкупно 46 хоспитализирани дури 19 се од Делчево и околните села, Звегор и некои други. Не знаме за каков кластер се работи, но од овој крај нови четворица пациенти со симптоми се хоспитализирани во Штип и за нив се очекуваат резултатите“, вели директорот на Клиничката болница во Штип д-р Ален Георгиев.

    Тој вели дека пациентите што се донесуваат во Штип се со тешка клиничка слика, а според епидемиолошките анкети, најверојатно затоа што заболените повеќе денови прележуваат дома без да побараат лекарска помош, па нивната здравствена состојба се влошува. На Инфективното одделение во Штип има пациенти и од останатите соседни градови, но стагнираат позитивните од Штип, чија бројка неколку дена  е едноцифрена.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира