СКОПЈЕ И ГОДИНАВА ЌЕ ИМА „ВИНТЕРЛЕНД“, ЌЕ ЧИНИ 32.000 ЕВРА, ШТО Е ТРИ ПАТИ ПОМАЛКУ ОД ПРЕДВИДЕНИОТ БУЏЕТ, ВЕЛАТ ОД ГРАДОТ

    СКОПЈЕ И ГОДИНАВА ЌЕ ИМА „ВИНТЕРЛЕНД“, ЌЕ ЧИНИ 32.000 ЕВРА, ШТО Е ТРИ ПАТИ ПОМАЛКУ ОД ПРЕДВИДЕНИОТ БУЏЕТ, ВЕЛАТ ОД ГРАДОТДетали за програмата ќе бидат објавени по завршување на огласот кој трае до 8 декември. (Фото: Ѓ.Личовски)

    Град Скопје и оваа година за новогодишните празници во центарот на градот ќе го организра новогодишниот базар „Винтерленд“. Минатата недела Градот објави јавен повик за изработка на идеен проект. Право на учество на јавниот повик имаат сите здруженија на граѓани, фондации,федерации, установи, трговски друштва и маркетинг агенции.

    Од Кабинетот на градоначалничката Арсовска ни одговорија дека детали за програмата ќе бидат објавени по завшување на огласот кој трае до 8 декември, а за реализација на „Винтерленд“ од буџетот на Градот ќе бидат потрошени 2 милиони денари што е за три пати помалку од она што било предвидено од претходната локална власт.

    „Целата постапка за организирање на ‘Винтерленд‘ и буџетските средства се поминати на Совет во буџетот за изминатата 2020-21 година. ‘Винтерленд‘ е предвиден во програмата со буџет значително помал од 2019 година. Сега буџетот со ребалансот е намален за трипати и од првичните 6 милиони е намален на 2 милиони денари за организација на целиот настан.  На 8 декември завршува јавниот повик за одржување на овој настан по што јавноста ќе биде информирана за сите детали поврзани со новогодишниот базар“, велат од Град Скопје.

    Градоначалничката Данела Арсовска во петокот објави дека Скопје сепак за новогодишните празници ќе биде украсен. Како што кажа Арсовска градот ќе се кити без пари односно на нејзинот повик се одзвале општествено одговорни компании, а фирмата „Линк медиа плус“ прифатила спогодбено да се раскине договорот од 240.000 евра склучен од нејзниниот претходник Петре Шилегов и Скопје да се украсува без финансиски импликации.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира