СКОПЈЕ СМРДИ

    СКОПЈЕ СМРДИЦело Скопје е полно со ѓубре, тротоарите не се изметени ниту изметени, а секаде се шири неподнослива миризба. (Фото: К.Попов)

    Полни канти за отпадоци и контејнери, ѓубре расфрлено околу нив, исцедок по тротоари, пешачки патеки и улици, како и ужасна смрдеа која се шири е сликата од главниот град.

    Особено запрепастувачка е состојбата во строгиот центар на Скопје, кој треба да биде лицето на градот. Кога ќе стигнете во центар, на Рекорд прво во обзема смрдеа и неподнослива миризба која се шири. Измешана миризба на ѓубре, исцедок, пцовисани животни и чад од околните дуќани за храна. Луѓето кои чекаат автобус на автобуската станица на Рекорд добиваа нагони за повраќање, ставаат маица или марамчиња преку устата, а дел од нив заминуваа да чекаат автобус на следната станица кај зелено пазарче.

    Автобуската на Рекорд. (Фото: К.Попов)

    Идентична е сликата и низ улица Македонија, Плоштадот Македонија и Кејот 13 Ноември. Кантите се преполни, плочникот не е изметен, ниту пак измиен и се шири смрдеа. Цело лето низ градот не поминале камионите кои ги мијат улиците, ниту пак рачно се миени Градски парк и плоштадите каде има најголема фреквенција на луѓе.

    „Скопје никогаш не било повалкано. Навечер кога се собира ѓубрето миризба се разлева насекаде. Ѓубрарките се скапани и течат и цел град навечер е полиен со исцедокот што тече од нив. Не се вози по улица навечер со отворен прозор, а камоли пеш да се оди“, вели жител на населбата Капиштец.

    Улица Македонија, главната пешачка улица во Скопје. (Фото: К.Попов)

    Од скопските општини велат дека проблемот со ѓубрето во градот е во „Комунална хигиена“ која нередовно собира ѓубре.

    „Ние како Општина наредната година размислуваме да ангажираме приватна фирма за чистење оти граѓаните постојано ни се жалат, а ‘Комунална‘ не чисти. Ги празнат само контејнерите, а ѓубрето околу нив останува и така се создаваат депонии“, вели градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски.

    Ѓубрето околу контејнерите не се собира. (Фото: СДК.МК)

    Пред еден месец во Скопје за прв пат во неговата историја три дена не се собираше ѓубрето поради кавга на вработените со директорката на ЈП „Комунална хигиена“ Косана Мазнева-Николиќ и градоначалничката Данела Арсовска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира