Противпожарната бригада на Град Скопје сѐ уште го гаси пожарот во фабриката „Макстил“, кој избил вчеравечер, кога се запалило отпадното старо железо. Звонко Томевски, командант на Противпожарната бригада во Скопје, вели дека пријавата за пожарот во „Макстил” ја добиле вчера во 23.30 часот и дека горело суровинско отпадно железо, кое вработените го подготвувале да го стават во печките на топење.
„Сѐ уште сме во ‘Макстил’ и сѐ уште работиме. Запалени се 500 метри кубни суровинско отпадно железо, кое било помешано со пластика и друг отпад. Ноќеска имавме бројни јавувања од граѓаните, бидејќи чадот се рашири низ градот. Ние пријавата ја добивме во 23.30 часот, а пожарот избувнал неколку часа порано, бидејќи кога стигнавме таму веќе беше распламтен огнот со висока температура, а отпадното железо беше во фаза на топење“, вели Томевски.
Противпожарната бригада интервенирала со осум возила, но помош побарале и од ЈП„Водовод и Канализација“ и од ЈП„Комунална Хигиена“, бидејќи имала потреба од дополнителни количини вода.
„Имавме потреба од поголема количина на вода и покрај тоа што гасевме со осум противпожарни возила. Три цистерни ни донесоа од Водовод, и три од Комунална хигиена, како и една цистерна од рафинеријата Окта, која е во близина. Причините допрва ќе се утврдуваат. Луѓето од фабриката велат дека суровинското отпадно железо го подготвувале да го стават во печките на топење и дека тоа се запалило при сечење на поголемите парчиња пред да ги стават во печките. Железото го сечат со оксигенски апарати“, вели Томевски.
Тој додава дека проценка на шетата и причините за пожарот допрва ќе ги утврдуваат.
Скопјани ноќеска по социјалните мрежи алармираа дека целиот град е покриен со чад во вид на густа магла, дека надвор не се дише и дека чадот штипе на очи и на грло.
Е. БОЧВАРОСКА