СКОПСКИ „ГРАДСКИ ПАРКИНГ“ ГИ ПРОДАВА ВЕЛОСИПЕДИТЕ И ТРОТИНЕТИТЕ ОТИ ПРОЕКТОТ ЗА ИЗНАЈМУВАЊЕ НЕ УСПЕА

    СКОПСКИ „ГРАДСКИ ПАРКИНГ“ ГИ ПРОДАВА ВЕЛОСИПЕДИТЕ И ТРОТИНЕТИТЕ ОТИ ПРОЕКТОТ ЗА ИЗНАЈМУВАЊЕ НЕ УСПЕАЌе се продаваат 4 тротинети, 7 електрични и 22 обични велосипеди; - Архивска слика од еден од пунктовите за изнајмување на велосипеди.

    Скопското јавно претпријатие „Градски паркинг“ ги продава велосипедите и тротинетите кои беа купени со буџетски пари за да се изнајмуваат. Но, бидејќи проектот за изнајмување не успеа, јавното претпријатие ги продава неколкуте што останаа неискршени или не беа украдени.

    Ќе се продаваат 4 тротинети, 7 електрични и 22 обични велосипеди. Исто така, на продажба ќе бидат ставени и осум коли, седум скутери и една метларка, бидејќи биле постари од 10 години и трошоците за одржување биле големи.

    Возилата и велосипедите ќе бидат отуѓени по пат на јавно наддавање.

    Во Скопје велосипеди не се изнајмуваат пет години. Проектот беше воведен од Град Скопје во 2010 во времето на градоначалникот Коце Трајановски со цел да се поттикнат граѓаните да го користат велосипедот како превозно средство. Но, тој не функционираше како што беше планирано бидејќи сите велосипеди кои Градот ги купи или ги доби како донација беа искршени или украдени.

    Новата градска администрација лани кажа дека работи на нов проект за изнајмување велисипеди, но тој сè уште не е реализиран.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира