Булеварот Кузман Јосифовски-Питу во центарот на Скопје стои раскопан со недели, а жителите го минуваат возејќи и движејќи се низ прашина. Пред три недели, Град Скопје почна со реконструкција на булеварот на потегот од Народна банка до Железничката станица. Беше изгребан стариот асфалт и оставен така, па од возилата кои се движат низ раскопаната улица се крева прашина.
„Се изнадишавме прашина. Навечер од прашината и загадувањето ништо не се гледа. Не може да се видат автомобилите пред вас“, велат граѓани кои работат во околината и секој ден го минуваат овој потег.
Од Град Скопје не добивме одговор на нашето прашање зошто булеварот е оставен во ваква ситуација и се дозволува граѓаните да дишат прашина со оглед на тоа дека станува збор за доста фреквентен потег.
Градот зимава реконструира неколку улици во центарот на градот. На новинарско прашање пред три дена зошто градежните работи не се почнале лете кога има помалку сообраќај и кога временските услови се подобри за вакви зафати, градоначалничката Данела Арсовска кажа дека нема вистинско време за реконструкција на сообраќајниците.
„Ние во Градот не наследивме проекти, па беше потребно време тие да се изработат, а дел беа закочени поради имотно-правни односи. Ова се комплексни случаи и не зависи само од нас. Граѓаните бараат булеварите да бидат средени и не можете да направите сообраќајница без да ја раскопате. Сите сакаме преку ноќ да имаме решение, но единствениот начин е тој“, кажа Арсовска.
А. АНТЕВСКА