СКОПСКИОТ ПАРК ИБНИ ПАЈКО ПРЕТВОРЕН ВО ПАРКИНГ, СЕКОЈ ДЕН СЛОБОДНО СЕ ПАРКИРААТ ПО 30-ТИНА КОЛИ

    СКОПСКИОТ ПАРК ИБНИ ПАЈКО ПРЕТВОРЕН ВО ПАРКИНГ, СЕКОЈ ДЕН СЛОБОДНО СЕ ПАРКИРААТ ПО 30-ТИНА КОЛИКолите слободно се паркираат оти никој не ги казнува ниту пајакот ги крева непрописно паркираните возила. (Фото: СДК.МК)

    Паркот Ибни Пајко зад зградата на Филхармонија во строгиот центар на Скопје е претворен во паркинг. Над 30-тина возила секојдневно се паркираат на пешачките и велосипедските патеки, но и во зеленилото.

    Ваквата слика на паркот, кој беше направен пред три години, а пред тоа беше див паркинг, е од утро до вечер. Наутро се паркираат вработените во институциите наоколу, попладне родителите кои ги носат децата во музичкото училиште “Илија Николовски Луј”, а навечер гостите од кафулињата во Чаршијата.

    Колите слободно се паркираат оти никој не ги казнува ниту пајакот ги крева непрописно паркираните возила.

    Директорот на ЈП „Градски паркинг“ Бојан Христовски пред една недела се пожали дека пајакот не може да крева погрешно паркирани коли, бидејќи од Министерството за внатрешни работи не им даваат полицајци. За да може пајак службата да подигне неправилно паркирани возила мора да оди во придружба со полиција, која всушност ја пишува казната, а пајакот го отстранува возилото. Христовски рече дека министерот Оливер Спасовски му прави опструкции и затоа не можат да ги решат поплаките од граѓаните и проблемите со паркирани коли низ градот.

    Град Скопје на 10 јуни 2019 го отвори новиот парк Ибни Пајко. Паркот е со површина од околу 11.000 квадратни метри, со 7. 500 метри квадратни трева со прскалки и системи за наводнување кои работат на принципот „капка по капка“. При уредувањето на овој запуштен простор се зачувани затекнатите 12 дрвја кои постоеја на оваа локација, а засадени се нови 85 дрвја. Покрај подигнатото зеленило, во паркот се изградени и пешачки патеки, сервисна улица збогатена со улична уметност, а на ѕидот на Средното музичко училиште нацртан е мурал.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира