СКОРО 100 БОЛНИ ОД КОВИД-19 СЕ ВО ШТИПСКАТА БОЛНИЦА, ОТВОРЕНА И МОДУЛАРНАТА, А ЗА ТРИ ДЕНА ЌЕ ИМА ДОВОД ЗА КИСЛОРОД

    СКОРО 100 БОЛНИ ОД КОВИД-19 СЕ ВО ШТИПСКАТА БОЛНИЦА, ОТВОРЕНА И МОДУЛАРНАТА, А ЗА ТРИ ДЕНА ЌЕ ИМА ДОВОД ЗА КИСЛОРОДПоради напливот на болни, монтажната болница се отвори иако не е завршена инсталацијата на централен довод на кислород. (Фото: СДК.мК)

    Половината од речиси 100 болнички згрижените пациенти  со ковид-19 се хоспитализирани на Инфективното одделение на Клиничката болница во Штип, а другата половина во монтажната болница која се стави во функција пред една недела кога во градот значително почна да се зголемува бројот на заболени.

    „Иако не е до крај решен проблемот со централниот довод на кислород, монтажната болница ја ставивме во функција поради новиот бран новозаболени. Кислородната цистерна не е до крај имплементирана, но главниот кислороден цевковод за модуларната болница се снабдува со боци што секојдевно се добиваат. Тоа ни е голем проблем, но за три дена ќе го решиме. Заедно со Општината Штип работиме на доизградба на пристапните патишта кон монтажната болница за да има непречен транспорт и на болните и на дотурот на кислород“, вели директорот на Клиничката болница во Штип д-р Ален Георгиев.

    Со отворањето на монтажната ковид болница се ослободени од ангажман Кожното и Анестезиолошкото одделение кои во изминатите месеци згрижуваа ковид болни, но Георгиев смета дека овие одделенија и натаму се резервни решенија ако се јави потреба за дополнителни кревети.

    Според него, повеќе од половината хоспитализирани и во монтажната болница и во Инфективното одделение се на кислородна поддршка или вкупно 57 пациенти, што значи дека секојдневните потреби за кислород за разлика од лани се значително зголемени.

    „Ланските набавки ги дуплиравме, но по една година се покажа дека потребите двојно се зголемени. Никој не можеше да предвиди вакви коронабранови и зголемени пикови. Од тогашните проценки за 500 литри кислород за еден ден, сега се потребни над 800 литри дневно. Затоа, набавката е зголемена и е секојдневна, но ситуацијата ќе се подобри кога транспортот наместо со 50 боци дневно ќе се замени со директно полнење на централната кислородна цистерна“, вели Георгиев.

    Според последните податоци од Министерството за здравство, од новорегистраните 1.000 до 1.300 новозаболени  дневно, во Штип веќе цела недела континуирано се 20-40 лица. Портпаролот на Клиничката болница Марина Шуманска кажа дека дневно оздравуваат и на домашно лекување се праќаат 10-20 лица. Вчера и денеска починале 4 пациенти на возраст од 48 до 79 години.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира