СКОРО СИТЕ ДРЖАВНИ И ОПШТИНСКИ УСТАНОВИ ВО БИТОЛА СЕ ГРЕАТ НА МАЗУТ И ТРОШАТ 2,1 МИЛИОН ЕВРА ГОДИШНО

    СКОРО СИТЕ ДРЖАВНИ И ОПШТИНСКИ УСТАНОВИ ВО БИТОЛА СЕ ГРЕАТ НА МАЗУТ И ТРОШАТ 2,1 МИЛИОН ЕВРА ГОДИШНОВо Битола нема парно греење откако пред десетина години пропадна Топлификација поради долгови, која исто така работеше на мазут (Фото: СДК.МК)

    Во услови кога Битола сѐ уште нема можности да се грее на гас или топлинска енергија, и оваа зима повеќе од 42 државни и општински установи во градот користат лесно масло за ложење и мазут, а за тоа од државната и општинската каса на годишно ниво се трошат над 2,1 милион евра. Вакво истражување презентираше Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ од Битола. Во табелата на институции кои се греат со фосилни горива се Општината, Основниот и Апелациониот суд, Домот за доенчиња, Библиотеката, Центарот за култура, десет основни училишта, седум средни училишта, седум градинки, Студентскиот дом и други институции.

    „Опфатени се 42 објекти во Битола кои се под надлежност на локалната и централната власт во кои има котларници за греење со вкупна топлинска снага од 38 MW односно 27.389.303 kWh топлинска енергија за една грејна сезона, а потребната количина на лесно масло за ложење која ја трошат истите изнесува 2.830.936 литри. По цена од 47 денари за литар потребни се 133.053.992 денари или 2.163.480 евра. Стопиран беше проектот за топлификација за кој веќе се обезбедени средства во висина од 39 милиони евра, а на гасификација власта заборави“, рече Иванчо Тошевски, координатор на ВМРО-ДПМНЕ во Битола.

    Според плановите на Општина Битола, годинава ќе инвестираат 7,9 милиони денари за гасификација на градот, но ќе мора гасификацијата да ја комбинираат со топлификацијата, зашто претходната власт го потпишала договорот за кредит од германската КФВ банка, со што нема отстапувања од проектот.

    „Ние како Општина предничевме во проектните активности околу гасификацијата. Во средината на минатата календарска година ни беше кажано дека она што е потпишано меѓу поранешната Влада на Македонија и Германија за топлификацијата е нешто од кое не смееме да отстапиме затоа што државата би платила многу пенали. Сега, на некој начин, мора да се спроведува комбиниран систем. Постојат начини да се направи добар сплет. Ќе објавиме тендер за идејниот проект. Па, во самиот повик ќе стои дека за потребните измени со мапираните точки на топлификација, ќе биде задолжен оној кој што ќе го добие тендерот за да го изработи проектот“, вели Петровска.

    85 проценти  од домаќинствата, кои во Битола ги има 26.000, се греат на печки на дрва. Во градот нема парно греење откако пред десетина години пропадна Топлификација поради долгови, која исто така работеше на мазут. Годишната потрошувачка на дрва во градот изнесува околу 22.000 тони.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира