Сликарите Александар и Ана Филеви од Струмица продадоа две уметнички дела масло на платно за 60 илјади денари, за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија. Тие делата ги понудија на социјалните мрежи под услов купувачите парите да ги уплатат во Фондот за солидарност на Црвениот крст за помош на населението од критичните делови во овие две држави.
Станува збор за дела со димензии 100×80 сантиметри кои брачниот пар Филеви ги изработил последниве години. Сликите „Мртва природа“ од Александар и „Охридска куќа“ од Ана беа продадени за неполн час по нивните објави, а сопствениците веќе ги доставија потврдите за уплатените средства во Црвениот крст.
„Го направивме тоа од срце. Во вакви ситуации треба да си помагаме. Досега имам донирано повеќе од 20 дела за хумани цели“, рече Александар Филев.
Од Струмица вчера за Турција заминаа осум пожарникари кои треба да се вклучат во акцијата за пронаоѓање и спасување жители кои останаа под урнатините од силнито земјотрес во Југоисточна Турција.
Непознат број луѓе останува заробен под урнатините на широко подрачје од стотици километри во Турција и Сирија, а спасувачите се во трка со времето да стигнат до нив. Бројот на жртвите драматично расте од час во час и досега е потврдено дека загинале 11.224 луѓе во двете земји.
В. ТРАЈКОВ