Менаџер на познатата компанија „Искра“ од Словенија при недоамнешна посета на Пелистер сакал да се напие планинска изворска вода. Била изненаден кога другите му рекле дека не смее да пие од неа, бидејќи е загадена. На менаџерот не му се верувало тоа што го чул и гласно прашал: „Како е можно една ваква убавина да има загадена вода?“. Лицата кои го придружувале му кажале дека изворите се загадени од септичките јами. По ова менаџерот ветил дека како подарок за Битола ќе помогне да се направи прочистителна станица, која ќе ги опфајќа отпадните води кај хотелот „Молика“. Се очекува кон оваа иницијатива да се приклучат и други компании и донации за да се направи станицата.
Компанијата „Искра“ позната уште од времето на Југославија по производство на белата техника, во поново време изведува работи од областа на енергетиката и инфраструктурата. Во моментот е вклучена и во изградбата на пругата од Битола за Кременица. Инженери од компанијата ќе дојдат во Битола за време на посетата на словеначка државна делегација на Македонија за 3 и 4 април годинава. Инженерите ќе го посетат Пелистер за да видат како технички може да се реши проблемот.
Оваа иницијатива денес ја открија претставници на компанијата „Искра“ и словенечкиот амбасадор Милан Јазбец при посетата на Општина Битола.
„Соработка е планирана во областа на екологијата, грижата за животната средина, преку словенечки фирми кои работат во Македонија, тоа се однесува и на искористувањето на природните богатства за развој на туризмот. Една словенечка фирма веќе вети како некој подарок на општината ќе ја среди прочистителна станица на Пелистер“, рече амбасадорот Јазбец.
Хотелот „Молика“ и другите објекти во националниот парк Пелистер со отпадните фекални води се справуваат со септички јами, зашто во изминатите 12 години не се догради колекторскиот систем. Колекторскиот систем пред повеќе години почна да се гради од потегот на хотелот Молика па надолу низ планината, но поради недостиг на средства изградбата запре.
Од „ЕЛЕМ Турс“ под чија надлежност е и хотелот „Молика“ во септември, лани, изјавија дека ќе се обидат да го решат проблемот со пари од амбасадата на Норвешка, каде планираа да достават апликација за проект кој ќе предвидува доградба на колекторскиот систем и негово вадење надвор од границите на националниот парк.
Ж. ЗДРАВКОВСКА