Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски смета дека нема ништо спорно во изградбата на 17-катницата во болничкиот блок кај Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“. Тој вели дека е смешно тврдењето оти овој објект со две нивоа деловни објекти и 17 ката станбен дел со 419 станови ќе ја загрози болницата „8 Септември“. Оваа парцела се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство. Поради тоа Конзерваторски центар не дава позитивно мислење за урбанистичкиот проект за зградата, но сепак, Јакимовски месецов го одобрил урбанистичкиот проект.
Јакимовски смета дека одлуката на Конзерваторски центар е самоволие и најавува дека ќе се обрати до други повисоки институции во државата.
„Никој не може самоволие да прави, а ова што се прави е самоволие. Смешно е тврдењето дека овој објект ќе ја загрозел поранешна Воена болница, а другите три што се уште поблиску не ја загрозуваат и имаат одобрение од Конзерваторски центар. Како може да постои болницата на Жан Митрев, Пет центарот и тоa брвнарата на Орце Камчев што наводно ќе била болница? Овој објект сега ја загрозува Воена болница што е одалечен 400 метри, а овие другиве три не“, ни изјави градоначалникот Јакимовски.
Откако му наведовме дека болниците во овој дел се високи колку и болницата „8 Септември“, а станбената зграда која ќе се гради е многу повисока односно има 17 ката, Јакимовски рече дека висината не треба да биде пречка за да се добијат потребните дозволи.
„Како тоа висината на зградата ја загрозува Воена болница? Како тогаш дозвола дале Министерство за одбрана и Агенција за цивилно воздухопловство? Тогаш и објектите од другата страна, кај базенот „Борис Трајковски“ што се предвидени да се градат ја загрозуваат бидејќи се уште поблиску. Како сината кула од другата страна на булеварот не ја загрозува. Ќе видиме како ќе се одвива оваа работа, не може така, има и други институции во државава“, рече Јакимовски.
Инвеститори на парцелата 6.1 за изградба на спорната зграда се „ЗСФ КОМ ДООЕЛ“ и Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ“. Иако сопственикот на парцелата, еден од инвеститорите – „Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ“ – не добил позитивно конзерваторско одобрение кое требало да биде приложено со документите во Општина Карпош, градоначалникот Стевчо Јакимовски месецов го одобрил урбанистичкиот проект, по што следи пресметка на комуналии и добивање на дозвола за градба.
За овој објект Општината не смееела да издададе услови за градба за зграда од 17 ката. Прво, затоа што архитектонскиот проект предвидува 419 станови плус два спрата дуќани, што подразбира и околу 2.000 нови жители, но и повеќе од 1.000 нови возила, не само од жителите, туку и од вработените и посетители на дуќаните, во непосредна близина на болнички блок (две болници), поликлиника и седиштето на Брзата помош за цело Скопје. И второ, според правилата за заштита на спомениците, околу ГОБ „8 Септември“ не смее да има објекти кои со својата висина и габарит би го попречувале погледот кон зградата што се води како споменик на културата Воена болница.
Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола за овој дел, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар. Општината може да го потпише проекот и да даде градежна дозвола дури откако ќе биде одобрен од Конзерваторскиот центар.
Деталениот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт 3 05 е донесен во 2013, во претходниот мандат на градоначалникот Јакимовски. Во него на две катастарски парцели е вцртана една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2 – домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје и висина од 88 метри.
Имајќи ги предвид специјалнте услови од урбанистичкиот план, зграда со толку голем габарит не смеела ни да биде предвидена. Но, и покрај тоа, нашите извори велат дека службите во Општина Карпош непречено ја водат процедурата за издавање градежна дозвола.
А. АНТЕВСКА