СМРДЕАТА НА ИЗГОРЕНА ГУМА И НАФТА ДОАЃА ОД СРБИЈА И ГО ЗАГАДУВА КУМАНОВО, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТ

    СМРДЕАТА НА ИЗГОРЕНА ГУМА И НАФТА ДОАЃА ОД СРБИЈА И ГО ЗАГАДУВА КУМАНОВО, УТВРДИ ДРЖАВНИОТ ИНСПЕКТОРАТДефинитивна е констатацијата дека миризбата доаѓа од Република Србија од Општина Прешево, од инсталација која работи блиску до границата, вели Инспекторатот. (Фото: СДК.МК)

    По пријавите на граѓаните и медиумите за непријатна миризба на изгорена гума и нафта во Куманово, која ги пече очите и тера на повраќање, Државниот инспекторат за животна (ДИЖС) во соработка со овластен инспектор за животна средина од Општина Куманово, синоќа од 20,30 до 23,00 часот извршиле увид на повеќе локации, со цел да ги откријат загадувачите.

    Притоа ги посетиле депонијата Краста, периферијата на градот и потенцијални места за евентуално палење на отпад, повеќе правни субјекти кои подлежат под А и Б Интегрирани еколошки дозволи, но не забележале чадење и непријатна миризба.

    „Исто така се направи увид и на граничниот премин Табановце при што се почувствува непријатна миризба од нафтени деривати од помал размер. Потоа се направи разговор со вработените од царинските служби кои кажаа дека повремено се чувствува непријатна раздразнувачка миризба, а потврдија и дека во текот на 08.06.2022 многу мирисало на изгорена гума. Непријатниот мирис се чувствувал повремено преку денот, а некогаш во текот на ноќта. Дефинитивна е констатацијата дека миризбата доаѓа од Република Србија од општина Прешево, од инсталација која работи блиску до границата, а ДИЖС е во очекување на информација од српската инспекција за животна средина за контролите во пограничните инсталации“, објави ДИЖС на официјалната страна на Фејсбук.

    Државниот инспекторат за животна средина веќе доставил официјално барање до Секторот за надзор и предострожност во животната средина при Министерството за заштита на животната средина на Република Србија, да се испита дали фабриката во Прешево е загадувачот од кој се шири непријатна миризба на изгорена гума во ноќните часови во општина Куманово.

    „Од разговори со жителите од Република Србија кои беа затекнати на граничниот премин Табановце беше посочено дека во Општината Прешево последните два дена имало силен и мошне непријатен мирис кој се чувствува и во Општина Куманово последните десетина денови во текот на ноќните и утринските часови“, додаваат од ДИЖС.

    За проблемот со загадувањето алармираше САКАМДАКАЖАМ, откако граѓаните се пожалија дека во вечерните и утринските часови чувствуваат непријатна миризба, која ги пече очите и тера на повраќање. Загадувањето на воздухот почнува во попладневните часови, а кулминира околу 22 часот кога градот е обвиткан во густ чад со мирис на изгорена гума и нафта. Уште посилна миризба се чувствува наутро.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира