Пред експозитурата на „Алта банка“ во Битола денеска пристигнаа автобуси со пензионери и приматели на социјална помош од Прилеп, кои дојдоа да си ги подигнат парите. Меѓу нив имаше и граѓани кои се движеа со бастун. Откако Народната банка воведе привремена администрација, експозитурата на „Алта банка“ во Прилеп не работи, па граѓаните се принудени да патуваат повеќе од еден час до Битола за да ги добијат своите средства.
„Наместо вечерва да се подготвувам за куќната слава Митровден, морав со автобус да патувам до Битола, по пат што сè уште се реконструира, за да си ја земам пензијата. До последен момент не знаевме дали ќе имаме пари за да го дочекаме Митровден. Во Прилеп не работи експозитурата, а немаме платежни картички“, рече една од прилепчанките кои чекаа во редицата пред „Алта банка“.
Граѓаните бараат банката да им издаде и исписници за да можат да ги префрлат сметките во други банки.
„Загрижени сме што ќе биде со следната пензија. Немоќни сме да патуваме вака со автобуси. Зарем и за следните 20.000 денари ќе треба да доаѓаме во Битола?“, реагираа прилепчани.
Народната банка денеска организираше автобуски превоз од Прилеп, Ресен и Охрид до експозитурата на „Алта банка“ во Битола, за граѓаните од овие градови да можат да ги подигнат пензиите и социјалната помош.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, вчера најави дека од понеделник, 9 ноември, повторно ќе почнат да работат и експозитурите во Тетово и Струмица. Таму клиентите без платежни картички ќе можат да подигнат до 20.000 денари.
Народната банка на 1 ноември воведе привремена управа во „Алта банка“ АД Битола, откако на матичната банка во Белград ѝ беше одземена лиценцата за работа и беше отворена стечајна постапка. Оттогаш, клиентите на битолската банка можат да подигнуваат најмногу по 10.000 денари неделно од банкомат, додека оние без платежни картички можат да добијат до 20.000 денари на шалтер. Граѓаните сè уште не можат да располагаат со своите штедни влогови.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



