Нови 45 возила за чистење, собирање ѓубре и миење на улиците низ Скопје ќе купува ЈП „Комунална хигиена“. За набавка на возилата претпријатието ќе земе кредит од околу 3,5 милиони евра, а одлуката за кредитно задолжување ќе се најде на усвојување на седницата на Советот на Град Скопје в среда.
Директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани вели дека на претпријатието и на Градот му е потребна поголема набавка бидејќи возилата кои сега ги имаат се стари во просек над 10 години, постојано се расипуваат и не можат соодветно да одговорот на потребите. Се предвидува да се купат нови ѓубретарки, метлачки како и цистерни за миење на улиците.
„Во моментов многу е тешко работењето бидејќи имаме стари возила и постојано ни се јавуваат дефекти, посебно во зима. Се случува да останеме со 2-3 возила и да не можеме секаде да стигнеме да го подигнеме ѓубрето. Ваквата набавка ќе значи поголема хигиена низ градот“, вели директорот Шабани.
Пoкрај возила за собирање и депонирање на отпадот ќе се купуваат и метлачки и цистерни со кои ќе се чистат улиците. Во план е во секоја скопска општина да бидат распоредени по две цистерни и метлачки, за поефикасно да се чистат улиците.
„Сега располагаме само со 7 цистерни за миење на улици. Со новата набавка ќе направиме и комплетна реорганизација во работењето односно улиците ќе се мијат секој ден од полноќ до рано наутро“, додава Шабани.
Тендерот за набавка на специјалните комунални возила ќе се распише по завршување на парламентарните избори, а од „Комунална хигиена“ очекуваат до крајот на оваа година тие да бидат испорачани и ставени во употреба.
А. АНТЕВСКА