СО КРУЖЕН ТЕК НА ДВЕ НИВОА ЌЕ СЕ РЕШАВА МЕТЕЖОТ ВО СООБРАЌАЈОТ КАЈ СКОПСКИ МОМИН ПОТОК

    СО КРУЖЕН ТЕК НА ДВЕ НИВОА ЌЕ СЕ РЕШАВА МЕТЕЖОТ ВО СООБРАЌАЈОТ КАЈ СКОПСКИ МОМИН ПОТОКПроектот предвидува решенија за двете крстосници. На крстосницата кај „Хубо маркет“ ќе се гради голем кружен тек, a на втората крстосница односно онаа кај улицата Никола Карев се предвидува изградба на кружен тек на две нивоа. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Напролет ќе стартува изградбата на кружниот тек на две нивоа кај населбата Момин поток во Скопје. Владата на последната седница му додели 5 милиони денари на Град Скопје за старт на градежните работи за реализизација на овој капитален проект, со кој ќе се реши метежот во сообраќајот што секојдневно се создава во овој дел од Скопје.

    Проектот предвидува решенија за двете крстосници. На крстосницата кај „Хубо маркет“ ќе се гради голем кружен тек кој, како што велат од Град Скопје, ќе овозможи проток на возилата без застој и нема да се создаваат колони особено наутро и попладне. На втората крстосница, односно онаа кај улицата Никола Карев, се предвидува изградба на кружен тек на две нивоа со кој непречено ќе се движат возилата и кон Визбегово и улицата Словенечка и кон касарната Илинден.

    „Наскоро ќе се распише тендерот за избор на фирма изведувач, а напролет очекуваме да почнат градежните работи. Дотогаш ќе се работи на реконструкцијата и проширувањето на улицата Никола Карев односно продолжението на Пластичарска улица. Годинава завршивме со реконструкцијата до крстосницата кај касарната Илинден, а во текот на овој месец ќе стартуваат градежните работи за вториот дел односно од касарната до крстосницата каде ќе се гради клучката на две нивоа“, велат од Град Скопје.

    Од Град Скопје објаснуваат дека месецов завршија со реконстуркција на булеварот 8 Септември од крстосницата кај „Хубо маркет“ до Илинденска, со што оваа сообраќајница ќе биде целосно обновена со изградбата на кружниот тек.

    Град Скопје од Владата доби и 4 милиони денари за почетокот на градежните работи за изградба на мостот во Карпош 4 односно од улицата Љубљанска до Скупи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира