СО МАРШ НА МОЛКОТ БОЛНИТЕ ОД РАК БАРААТ ХЕМОТЕРАПИЈА И ВО ГЕВГЕЛИЈА, НЕ САМО ВО СКОПЈЕ

    СО МАРШ НА МОЛКОТ БОЛНИТЕ ОД РАК БАРААТ ХЕМОТЕРАПИЈА И ВО ГЕВГЕЛИЈА, НЕ САМО ВО СКОПЈЕШто со оние кои немаат средства да патуваат во Скопје и редовно да одат на хемотерапии? Се запрашал ли некој што сè прават семејствата во внатрешноста за да им помогнат на своите блиски?, велат болните и бараат да се отвори онколошко одделение во Гевгелија за пациентите од овој дел на државата. (Фото: СДК.МК)

    Болни од рак, нивни роднини и пријатели со поддршка на здружението „Чејнџмејкерсфорол“ (ChangeMakers4all) од Гевгелија, попладнево го блокираа булеварот со Марш во молк, за да го кренат гласот и потребата од поголема поддршка на овие пациенти од внатрешноста од Македонија. Тие маршираа до центарот на градот, со барање до Министерството за здравство да најде начин да им се помогне при транспортот до Скопје оти неиздржливо е да се оди на хемотерапија, а при тоа цели семејства се изложени на трошоци и стрес.

    Моника Петрова, пациентка од Гевгелија, вели дека многу тешко е за пациентите од внатрешноста на земјава да одат на терапии во Скопје.

    „Морав да станувам во пет часот наутро и со воз да патувам до Скопје и да се враќам доцна навечер. Само семејството мое знае низ каква голгота поминавме. Успеав да ја добијам битката, но што со оние кои немаат средства да патуваат во Скопје и редовно да одат на хемотерапии? Се запрашал ли некој што сè прават семејствата во внатрешноста за да им помогнат на своите блиски?, кажа Петрова.

    Марина Томова од „Чејнџмејкерсфорол“ од министерот Венко Филипче побара да се размисли како да им се помогне на семејствата во со болни од рак и се изложени на дополнителни трошоци за транспорт и престој во Скопје. Таа побара да може да се отвори онколошко одделение во Гевгелија за пациентите од овој дел на државата.

    „Сè е во Скопје. Треба да се отвори одделение за онкологија и хемотерапија овде во Гевгелија за пациентите од овој град, Богданци, Дојран и Валандово. Институциите нека направат истражување и да се откријат причинители за високиот процент на заболени од рак во Гевгелија оти податоците се загрижувачки колку наши сограѓани починале, се лекуваат или се избориле со ова болест“, рече Томова.

    Во гевгелиската болница со прекуграничен проект со соседна Грција е набавен мамограф за рана детекција на рак на дојка, но тој уште не е ставен во функција оти кадарот што треба да работи со овој апарат е на едукација.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира