СО МЕСЕЦИ НЕМА ЕРИТРОПОЕТИНСКА ТЕРАПИЈА ЗА ПАЦИЕНТИТЕ НА ДИЈАЛИЗА ВО СТРУГА, БАРААТ ИТНА НАБАВКА НА ЛЕКОТ

    СО МЕСЕЦИ НЕМА ЕРИТРОПОЕТИНСКА ТЕРАПИЈА ЗА ПАЦИЕНТИТЕ НА ДИЈАЛИЗА ВО СТРУГА, БАРААТ ИТНА НАБАВКА НА ЛЕКОТОд Министерството за здравство, како што велат пациентите, им било кажано дека увоз на лекот имало минатата недела, додека во болницата добиле објаснување дека не биле испорачани доволни количини.(Фото: СДК.МК)

    Пациентите на дијализа кои се лекуваат во Специјализираната болница за нефрологија во Струга алармираат дека со месеци се соочуваат со недостиг од еритропоетинска терапија, неопходна за одржување на нивото на хемоглобин кај лицата со хронична бубрежна болест. Велат дка недостигот на терапијата сериозно го нарушува нивното здравје и квалитетот на живот, а во одредени случаи може да има и животозагрозувачки последици.

    Од Министерството за здравство, како што велат пациентите, им било кажано дека увоз на лекот имало минатата недела, додека во болницата добиле објаснување дека не биле испорачани доволни количини.

    „Лекот еритропоетин ‘рекормон’ го немаме од ноември 2025 година, а неговата замена ‘кралис’ ја немаме од март оваа година. Одвреме-навреме се носат мали количини, но тие не се доволни за сите пациенти, туку селективно се даваат само на неколкумина. Тоа значи дека крвната слика ни паѓа, хемоглобинот се намалува и секојдневното функционирање ни е значително отежнато“, вели пациентката Бранкица Размоска.

    Таа објаснува дека распределбата на лекот се врши според моменталната состојба на пациентите, наместо да се овозможи редовна терапија со која би се спречило влошувањето.

    „Селектираат според крвната слика. Ако на некој пациент хемоглобинот му е многу паднат, тогаш му даваат терапија. Но, кај нас кои треба редовно да го одржуваме нивото на хемоглобинот, лек нема. Јас лично треба да примам 4.000 единици на секоја дијализа, а моментално добивам 2.000 и тоа само последниве две недели. Пред тоа воопшто не примав терапија“, додава Размоска.

    Недостигот на еритропоетинската терапија директно влијае врз здравствената состојба на пациентите.

    „Недостигот од овој лек доведува до опаѓање на хемоглобинот во крвната слика, до голема исцрпеност и отежнато функционирање, а не дај Боже и до фатален исход“, предупредува таа.

    Пациентите првично добиле објаснување дека проблемот е поради недостиг на увоз, но подоцна добиле различни информации.

    „Ни беше кажано дека наводно немало увоз. Имам информации дека во други центри за дијализа во државата лекот го има. Разговаравме и со директорот на болницата и со лекарите, а ни беше кажано дека не била доставена целата количина што била нарачана. Од Министерството за здравство, пак, ни кажаа дека увоз имало минатата недела“, вели Размоска.

    Во Специјализираната болница за нефрологија во Струга дијализа примаат околу 100 пациенти, на возраст од 27 до 94 години, а сите имаат потреба од оваа терапија. Според пациентите, количините што повремено пристигнуваат се недоволни за да ги задоволат нивните потреби.

    „Не бараме кој е виновен. Само бараме надлежните да кажат зошто лекот го нема и што побрзо да се најде решение. Ние сме пациенти кои четири пати неделно по четири часа одиме на дијализа и припаѓаме на ранлива категорија. Овој лек ни е неопходен. Ова е тотална негрижа и лекот мора да се набави“, апелира Размоска.

    Таа додава дека дел од пациентите се обидуваат сами да ја обезбедат терапијата, но тоа претставува голем финансиски товар.

    „Една инјекција од 2.000 единици чини околу 600 денари ако се набави од Србија, каде што е најевтина. Имаме информации дека ја има и во една аптека во Скопје, но замената на овој лек чини околу 3.000 денари“, посочува пациентката.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира