Со одлука на Советот на Општина Центар по предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ, на 27 декември 2017 беше донесен мораториум на градба, со кој беше стопирана реализацијата на 31 Детален урбанистички план (ДУП). На 14 март беа изгласани првите два ревидирани планови. Еден ден пред Општина Центар да ги донесе новите планови, Уставниот суд почна да ја разгледува иницијативата поднесена од градежни компании за уставноста и законитоста на мораториумот.
Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК говори за придобивките од новите планови за жителите на Центар, за иницијативата пред Уставниот суд, кои се нивните аргументи во борбата со противниците на мораториумот и дали има механизми Општината да продолжи со ревидирање на планови ако Уставен суд го прогласи за неуставен.
- На седницата на Советот на Општина Центар одржана на 14 март, усвоени се измените и дополнувањата на првите два ДУП-ви откако е на сила мораториумот. Кои измени ги постигнавте, што предвидуваат плановите во однос на јавно зеленило, паркинг и колку објекти се избришани од претходните планови?
- Богдановиќ: Станува збор за деталните урбанистички планови за Градска четврт И03, локалитет „Мирче Мацан“ и Градска Четврт И02, „Ново Маало 1“. За да им биде појасно на граѓаните, „Мирче Мацан“ го опфаќа делот околу гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, а „Ново Маало 1“ е делот зад „Веро Џамбо“. Пред сé, би сакал да кажам дека овие ДУП-ви се комплетно усогласени со Генералниот урбанистички план (ГУП) на Град Скопје 2012 – 2022 година, што претходно не беше случај. Но она што е уште поважно е дека со ДУП-вите дополнително постигнавме многу придобивки во интерес на жителите. Најголем акцент е ставен на јавното зеленило. Избришавме објекти кои требаше да се градат на државно земјиште, а на нивно место предвидовме локални паркови и детски игралишта. Тоа е огромна квадратура. Во контекст на тоа, со изменетиот ДУП Градска четврт И02, локалитет „Ново Маало“ 1 на улица Кочо Рацин каде по претходен план било предвидено изградба на хотел на државно земјиште, целиот простор е пренаменет во парковско зеленило со површина од 2.900 метри квадратни. Површината на јавното зеленило кај ДУП Градска четврт И03, локалитет „Мирче Мацан“ се зголемува на 6.383 метри квадратни, додека претходниот план предвидуваше само 158 мемтри квадратни зеленило. Со овој ДУП од дворот на средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“ е одземена поголема површина поради планирана примарна сообраќајница. Но таа квадратура ќе се надомести со нова површина. Земјиштето кое во претходниот план било планирано за станбени и деловни објекти сега ќе биде доделено на гимназијата. Па така, во однос на важечкиот план, училишниот двор на гимназијата ќе се зголеми за 808 метри квадратни.
- На оние парцели на кои се предвидени маркички за градба како ќе гарантирате дека нема да се гради неплански, без зеленило и паркинг простор, со згради залепени една до друга?
- Богдановиќ: Уште една голема придобивка од измената на плановите е што за прв пат ќе биде применет Законот за урбано зеленило. Инвеститорите ќе бидат обврзани на задолжително зеленило од минимум 20 отсто во рамки на парцелата. Оваа обврска и обврската за паркинг простор во сопствена парцела за секој станар, наместо досегашната пракса 20 отсто од потребите за паркирање да се остваруваат на јавен паркинг, ќе бидат предуслов за добивање градежна дозвола. Со тоа решаваме два клучни проблеми со кои досега се соочувавме и на кои најмногу реагираа граѓаните. И двата ДУП-а се комплетно услогласени со стандардите и условите за хумано домување. Така, кај 30 градежни парцели, според одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, направивме оддалечување на градежната линија од дното на парцелата за да се обезбеди повеќе сонце, природна светлина и подобра циркулација на воздухот за идните станари на овие згради, а за сите парцели кои ќе се развиваат во иднина предвидени се и пристапни улици.
- Има впечаток дека мораториумот трае предолго. До каде се другите планови со изработка? Имате ли некоја проекција кога би требало да бидат завршени сите?
- Богдановиќ : Донекаде, можам да се согласам со вашата констататација дека мораториумот трае долго. Но, морам да истакнам дека станува збор за многу обемна работа, многу недостатоци и отстапувања од стандардите за квалитетно живеење кои ги наследивме од претходните планови. Ова се првите два ДУП-ви кои Советот на Општина Центар ги усвои по донесувањето на мораториумот во координација со надлежните институции, Министерството за транспорт и врски и Град Скопје и, што е многу важно, со жителите на овие делови од општината кои, преку јавна анкета, имаа можност да го изнесат своето мислење за ревидираните планови. По носењето на овие два плана, се покажа дека мораториумот се исплатеше. Мораториумот беше единствениот начин да се ревидираат постоечките планови и да се постигнат похумани услови за живеење за жителите на нашата општина. Освен заштитата на државно земјиште и негово искористување за јавно зеленило и детски паркови, контејнери и трафостаници, ја намаливме и градбата, а локациите кои отстапуваа сега се ставени во рамки според стандарди и нормативи. Имаме уште 29 ДУП-ви кои се во процедура и интензивно се работи на нивна ревизија. Јас се надевам дека во текот на оваа година сите планови ќе бидат завршени. Морам да истакнам дека имаме соработка со надлежните институции, кои свесни за значењето на овој проект, му даваат приоритет, така што во брзо време ќе донесеме и други планови.
- Минатата недела Уставниот суд почна да ја разгледува уставноста и законитоста на донесување на мораториумот. Стравувате ли дека мораторимот ќе биде прогласен за неуставен и с ѐ што работевте изминатава година и половина ќе падне во вода?
- Богдановиќ: Според нашите информации, и претходно имаше иницијативи до Уставен Суд за преиспитување на уставноста и законитоста на мораторимот, но тие беа отфрлени. Подносители на барањето за оценување на уставноста и законитоста на мораториумот се Градежната комора на Македонија од Скопје и Стопанската комора на Северозападна Македонија. Но јас се надевам дека и ова барање ќе биде отфрлено, со цел да се продолжи со ревидирање на плановите, пред сé, во интерес на жителите на нашата општина. Верувам дека при одлучувањето, Уставниот Суд ќе ги земе во предвид ефектите кои се постигнаа со мораториумот, а тоа се првите ревидирани планови кои во целост одговораат на потребите на граѓаните.
- Кои се аргументите со кои Општина Центар го брани мораториумот пред Уставниот Суд? Има ли Општината други механизми да продолжи со ревидирање на плановите ако се поништи мораториумот?
- Богдановиќ: Во случај на поништување на мораториумот Општина Центар ги разгледува сите можности кои и се на располагање за да продолжи со ревидирање на плановите. Секако дека механизми постојат, но јас сум убеден дека тоа нема да се случи. Што се однесува до аргументите, одбраната на мораториумот како проект има многу силни аргументи на своја страна. Првиот аргумент е дека Општина Центар е единствената надлежна институција за спроведување на ДУП-те, потоа неусогласувањето на претходните планови со Генералниот урбанистички план на Град Скопје. Но, нашиот најсилен аргумент во одбрана на мораториумот е обезбедување квалитени услови за живот и урбан развој во градот.
А. АНТЕВСКА