СО НОВИОТ БУЛЕВАР ХРИСТИЈАН ТОДОРОВСКИ-КАРПОШ, ЖИТЕЛИТЕ НА ЧАИР И БУТЕЛ ДОБИЈА ДИРЕКТЕН ИЗЛЕЗ НА ОБИКОЛНИЦА, КАЖА ШИЛЕГОВ

    СО НОВИОТ БУЛЕВАР ХРИСТИЈАН ТОДОРОВСКИ-КАРПОШ, ЖИТЕЛИТЕ НА ЧАИР И БУТЕЛ ДОБИЈА ДИРЕКТЕН ИЗЛЕЗ НА ОБИКОЛНИЦА, КАЖА ШИЛЕГОВСо изградбата на булеварот жителите на овој дел од градот добиваат алтернативна сообраќајница бидејќи досега единствениот пристап кон населбите Бутел и Радишани беше преку улицата Бутелска.(Фото: Град Скопје)

    Од денеска пуштен во сообраќај е новиот булевар Христијан Тодоровски-Карпош од крстосницата со улицата Босна и Херцеговина до обиколница. Со изградбата на булеварот жителите на овој дел од градот добиваат алтернативна сообраќајница бидејќи досега единствениот пристап кон населбите Бутел и Радишани беше преку улицата Бутелска.

    Новиот булевар е со должина од 2 километри, со вкупно 6 коловозни ленти од по 3,5 метри, велосипедски и пешачки патеки од двете страни, простор за средишно зеленило и зелен појас од двете страни на булеварот. На новиот дел од булеварот е поставена нова водоводна, атмосферска и фекална мрежа, како и целосно ново улично осветлување со 140 столбови. Изградбата на булеварот чини 4,6 милиони евра.

    Градоначалникот Петре Шилегов кажа дека наскоро по овој булевар ќе поминуваат и линии на јавниот превоз што дополнително ќе го намали сообраќајниот метеж во овој дел од градот.

    „Овој нов булевар ќе овозможи побрз излез на обиколницата за околу 100.000 граѓани кои живеат во северниот дел од градот, особено од Чаир, Скопје Север, Топанско поле и од Железара, со што ќе се релаксира сообраќајот во целиот град. Досега единствената сообраќајна опција за поврзување со централниот дел од Скопје на неколку десетици илјади жители од Бутел, Радишани, Љубанци, Љуботен, Чучер-Сандево и други населени места беше улицата Бутелска, на која се создаваше голем сообраќаен метеж. За овие граѓани булеварот Христијан Тодоровски Карпош ќе биде нова сообраќајна алтернатива. Во минатото многу помалку било работено на поврзувањата север-југ, што впрочем граѓаните кои се движат во овие правци секојдневно го чувствуваат. Ваквата состојба мора да се промени и затоа ќе продолжиме да го менуваме тоа со цел нашиот град да добие одржлив, ефикасен и безбеден сообраќај“, рече Шилегов.

    Градоначалникот Шилегов кажа дека за втората делница на булеварот наследил нефункционален проект, поради нерешени инфраструктурни проблеми, при што за експропријација биле потрошени 250.000 евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира