Во гаражата на ЈСП „Скопје“ во Автокоманда, меѓу двокатните кинески автобуси паркирани се и седумте нови еколошки возила од германскиот производител „МАН“. Автобусите се дел од набавката на 33 автобуси на гас и воведување на еколошки јавен превоз во Скопје.
Во четвртокот, од Загреб со конвој стасаа шест единечни и еден зглобен автобус или како што скопјани го нарекуваат „хармоника“, а викендов треба да стигнат уште 6 возила и тоа 4 единечни и 2 зглобни, со што 13 автобуси се испорачани во првата пратка во рамките на договорот кој Град Скопје лани го потпиша со хрватската компанија „Ауто Хрватска“ генерален застапник на „МАН“.
„Граѓаните сега ќе добијат многу поквалитетен и сосема поинаков јавен превоз, за разлика од оној со кинеските двокатни дизел возила. Станува збор за автобуси кои се во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија. Во споредба со двокатните кинески, воопшто нема да загадуваат бидејќи емитуваат незначителна концентрација на ПМ честички. Возилата имаат пониска бучавост, полесно и поевтино одржување, поголем век на траење. Во сите автобуси има дополнителна опрема, како вградени полначи за телефони“, вели директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков.
Освен што не загадуваат, новите автобуси се многу поекономични за разлика од двокатните автобуси на нафта. Како што велат од претпријатието, со еден од новите автобус годишно ќе се заштедат 25.000 евра за гориво во споредба со двокатните кинески. Кога ќе стасаат сите 33 нарачани автобуси, заштедата за гориво годишно ќе биде околу 850.000 евра.
Директорот Чушков вели дека од понеделник следува регистрација на возилата, потоа шоферите ќе имаат обуки за управување со нив, по што во текот на јуни ќе бидат пуштени во сообраќај како дел од јавниот превоз во Скопје.
„На улиците сега ќе се вратат зглобните автобуси, кои имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните, овозможуваат побрз проток на патниците низ возилото што влијае на скратување на времето потребно за задржување на постојките“, вели Чушков.
Според договорот, треба да бидат набавени 21 единечен со капацитет за 81 патник и 12 зглобни за 149 патници. Договорот предвидува сите да бидат испорачани во рок од 10 месеци, односно до јуни. Но, поради пандемијата на КОВИД-19 испораката ќе доцни, бидејќи не работи фабриката за производство, па автобусите се застанати на лента.
Набавката на новите еколошки автобуси чини 10 милиони евра, а парите се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
А. АНТЕВСКА