Со средства од Европската Унија (ЕУ), преку Програмата за прекугранична соработка, во Босилово ќе се монтира систем со термални камери кои ќе сигнализираат пожари на депонии во Струмичко. Термалните камери ќе бидат поставени на општинската зграда во Босилово и, според тендерската документација, треба да покриваат подрачје со радиус од минимум 15 километри. Тие ќе сигнализираат чад и пожар на депониите во општините Струмица, Босилово и Василево, а информацијата ќе биде пренасочена и до одговорните служби за навремена интервенција уште во раната фаза на пожарот.
„Секако дека со ваков систем ќе добиеме на време при нашите интервенции. Обично пожарите на депониите во регионот се пријавуваат во поодмината, односно разгорена фаза, за што мора да се ангажираат и повеќе возила. Вака, со информациите од овој систем, ќе се интервенира уште на почетокот, а од информациите ќе знаеме и за која нестандардна депонија се работи“, вели Александар Кулишиќ, командир на Територијална противпожарна единица (ТППЕ) Радовиш, која исто така е вклучена во проектот.
Станува збор за проектот „Детекција на пожари и засилена мрежа за итни случаи против пожари за отстранување на отпадот“, кој го имплементираат Регионалната асоцијација на агенциите за управување со цврст отпад на Централна Македонија (ФОДСА) од Грција и Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион.
Целта е да се зајакне соработката на институциите во прекуграничниот регион во областа на превенцијата и раното откривање на пожари, заштитата на животната средина и справувањето со ризиците поврзани со несоодветното управување со отпадот.
„Освен што ќе се инсталира систем и ќе се зајакнат капацитетите на институциите, проектот предвидува и мапирање на сите депонии во Југоистокот. Ги има речиси во сите населени места. Целта е да се сведат на минимум пожарите на овие локации“, рече Јован Коцев, директор на Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион.
Целиот проект чини околу 1,3 милиони евра, од кои 300 илјади се наменети за активностите на македонска страна.
В. ТРАЈКОВ
„Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.



