СО ПАРИ ОД ЕУ ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА ТИПСКИ КУЌИ ЗА 40 СЕМЕЈСТВА БЕЗДОМНИЦИ ВО ШТИП

    СО ПАРИ ОД ЕУ ПОЧНА ИЗГРАДБАТА НА ТИПСКИ КУЌИ ЗА 40 СЕМЕЈСТВА БЕЗДОМНИЦИ ВО ШТИПОвој проект е резултат на потребата за сместување на ромските семејства кои беа на диво вселени во напуштената зграда на старото Нервно одделение во Штип. (Фото: СДК.МК)

    Четириесет штипски семејства кои се бездомници до почетокот на наредната година треба да се вселат во типски куќи. Тие ќе бидат поставени во постојното ромско маало во близина на манастирот „Св. Недела“. Општината веќе почна со инфраструктурното уредување на новата населба, која ќе се гради со пари од ЕУ во висина од 600.000 евра.

    „Наша обврска е инфраструктурно да го уредиме просторот, а останаиот дел од проектот е во реалзиација на ресорните министерства. Целата населба сега е депонија со голем број диви објекти, без водовод и канализација“, вели градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

    Тој додава дека овој проект е резултат на потребата за сместување на ромските семејства кои беа на диво вселени во напуштената зграда на старото Нервно одделение во Штип. Оваа зграда треба да се урне за потребите на булеварот кон населбата Баби, кој е во изградба и други објекти планирани со Деталниот урбанистички план.

    Дел од граѓаните не се согласуваат со проектот бидејќи оваа населба ќе се простира на голема површина која сега е ругло на градот, не е чиста поради негрижата на постојните жители и сите објекти се дивоградби. Општинските власти сметаат дека со инфратруктурното уредување на просторот истовремено се решава и проблемот со фекалната канализација, а тоа ќе значи и урбанистичко уредување на населбата.

    „За натамошното уредување и одржување на населбата, на самите жители ќе им се дадат обврски како комунални редари“, вели Јорданов.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира