СО ПОМОШ НА ШВАЈЦАРИЈА СЕ СНИМААТ ВИДЕА СО КОИ МАКЕДОНИЈА ЌЕ СЕ РЕКЛАМИРА КАКО СИГУРНА ДЕСТИНАЦИЈА ЗА ЛЕТУВАЊЕ

    СО ПОМОШ НА ШВАЈЦАРИЈА СЕ СНИМААТ ВИДЕА СО КОИ МАКЕДОНИЈА ЌЕ СЕ РЕКЛАМИРА КАКО СИГУРНА ДЕСТИНАЦИЈА ЗА ЛЕТУВАЊЕГодинава ќе се привлекуваат гостите од регионот, но и од Холандија, Чешка, Полска и Турција (Фото: СДК.МК)

    Со силна медиумска кампања преку промотивни видеа, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), во соработка со туристичкиот сектор, ќе привлекува странски туристи на охридско-струшката ривиера претстојната сезона. Во рамките на кампањата „Безбедно како дома“ изработени се пет промотивни видеа, а во тек е снимањето на видеозаписот кој се прави во соработка со швајцарската амбасада. Целта е странските гости да се охрабрат и да се уверат дека Македонија е сигурна дестинација за летување, со можности за безбеден одмор на планина и во рурални области, спортски активности и за гастрономско уживање.

    Акцентот годинава ќе се стави на гостите од регионот, но ќе се привлекуваат и туристи од Холандија, Чешка, Полска и Турција.

    „Се работи за протоколи кои веќе се воведени во нашата земја, кои ќе докажуваат дека Македонија е сигурна дестинација за домашните и странските туристи. Сакаме да ги увериме дека 2021 е година на сигурно летување токму во нашата земја“, вели директорот на АППТ, Љупчо Јаневски.

    Сепак, успешноста на туристичката сезона, според туристичките работници, ќе зависи од справувањето со пандемијата кај нас, во регионот, но и во Европската Унија.

    Јаневски вели дека туристите од регионот пројавиле интерес да летуваат во Македонија, а за еден месец се очекуваат и првите гости. Се очекува на 1 јуни да тргнат авиолиниите Варшава-Скопје и Варшава-Охрид, а во втората половина на јуни се најавени и првите гости од Холандија. На крајот од мај почнуваат линиите Москва-Скопје и Букурешт-Скопје, а туристи ќе доаѓаат и преку кружни тури, кои ќе летаат од Киев за Тирана, по што ќе престојуваат и кај нас.

    За српските туристи се предвидуваат и одредени попусти и бесплатни услуги како благодарност за вакцинирањето на македонските граѓани во Србија.

    „Се надеваме дека за брзо време ќе се избориме со пандемијата и дека масовното вакцинирање ќе го даде својот ефект. Со општината договоривме ослободување на паркинг услуги за туристите од Србија. Се надеваме тоа да се случи и со билетите за музеите. Почнуваме преговори и за воспоставување на авионската линија Белград-Охрид“, вели Јанески.

    За туристичките работници најпосакувани се странските гости, но очекувањата за оваа година се 65% да бидат домашни туристи. Тие оптимистички најавуваат и надминување на два милиона остварени ноќевања.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира