СО РЕШЕНИЕ ЗА СПОРТСКА САЛА ВО СТРУГА ИЗГРАДЕН ОБЈЕКТ ЗА СВАДБИ, УРБАНАТА МАФИЈА И ИНСТИТУЦИИТЕ КОИ ТРЕБА ДА СЕ БОРАТ ПРОТИВ НEA СЕ ОБЕДИНИЈА

    СО РЕШЕНИЕ ЗА СПОРТСКА САЛА ВО СТРУГА ИЗГРАДЕН ОБЈЕКТ ЗА СВАДБИ, УРБАНАТА МАФИЈА И ИНСТИТУЦИИТЕ КОИ ТРЕБА ДА СЕ БОРАТ ПРОТИВ НEA СЕ ОБЕДИНИЈААдвокатот и член на Советот на Општина Струга Ален Деребан вели дека програмата со приложен геодетски елаборат, врз основа на која градоначалникот издал решение за изградба на спортски игралишта со гардероби на конкретната локација, а на лице место инвеститорот изградил угостителскиот објект. (Фото: СДК.МК)

    Со решение на градоначалникот на Струга Рамиз Мерко за градење затворена спортска сала на крајбрежјето на Охридското Езеро каде нема детален урбанистички план (ДУП), изграден е угостителски објект за организирање свадбени прослави. Објектот „Аполонија“ е изграден пред повеќе од 4 години на само 20 метри од Охридското Езеро, каде и не може да се донесе ДУП со кој би се предвидело да има таков угостителски објект, ниту пак има Генерален урбанистички план (ГУП) според кој просторот би имал намена исклучиво за плажа, спорт и рекреација.

    Според пријавата што ја добивме на алатката Пријави корупција на САКАМДАКАЖАМ.МК  ова е случај кога локалната власт ги изигрува законите и дозволува изградба на ресторан со решение за изградба на спортска сала, затоа што согласно Законот за градење, не е потребно одобрение за градење на спортски сали со бруто развиена површина од 1.500 метри квадратни. Според пријавата, целото крајбрежје е узурпирано и изградено со дивоградби од лица блиски до локалната власт кои немаат соодветни одобренија за градење, немаат важечки договори за концесија и немаат обврска да плаќаат никакви надоместоци кон Општината.

    САКАМДАКАЖАМ.МК независно ги верификуваше информациите од пријавата.

    Во пријавата се вели дека Обвинителството треба да реагира по допрен глас, но не постапува оти криминалот и корупцијата ги соединија урбаната мафија и институциите кои треба да се борат против нив.

    „Општина Струга е класичен пример за непочитување на правото и правната држава, во моментов е управувана од урбана мафија која секојдневно врши злоупотреба на Законот за просторно и урбанистичко планирање, Законот за градење, Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Во Општина Струга урбанистичките планови се носат за задоволување на бизнис интересите на поединци, а не за општиот интерес на сите граѓани. Воспоставена е пракса каде што градоначалникот издава решенија за реконструкција врз основа на коишто инвеститорите градат нови објекти за кои е потребно да поседуваат одобренија за градење“, се вели во реакцијата.

    Адвокатот и член на Советот на Општина Струга Ален Деребан вели дека програмата со приложен геодетски елаборат, врз основа на која градоначалникот издал решение за изградба на спортски игралишта со гардероби на конкретната локација, а на лице место инвеститорот изградил угостителскиот објект, поминалa во Советот на Општина Струга затоа што мнозинството дало зелено светло, односно против гласале единствено само советниците од ВМРО-ДПМНЕ. До ден денес за ваквото незаконско постапување не е оформен кривичен предмет оти, како што вели, правосудните органи се окупирани од извршната власт и тесно соработуваат со неа и со градоначалникот.

    Според Деребан, Антикорупциската комисија нема законска надлежност самата да води кривична постапка, туку таа само иницира поведување на кривична постапка до надлежното обвинителство, но за жал тука завршуваат сите предмети.

    „Конкретно, Основното Јавно Обвинителство Струга нема поднесено ниту едно обвинение кое се однесува на предмети поврзани со незаконското работење на градоначалникот или неговите блиски сорабоници иако согласно Законот за кривична постапка е должно да постапува по непосредно забележување дури и по допрен глас. Дури откако градоначалникот беше ставен црната листа од САД, Судскиот Совет формира работна група која после извршената контрола во Основниот Суд Струга констатирала дека судиите не трпеле надворешни притисоци во предметите поврзани со него. Притоа, се занемарува фактот дека градоначалникот нема законски надредена позиција над судот за да може да врши каков било притисок врз него, а согласно Уставот како највисок правен акт во државата, судиите се самостојни и независни, судат врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори. Така што, доколку постои било какво незаконско постапување од страна на судот не може да зборуваме за вршење на притисок, туку за корупција“, вели Деребан.

    Според него, организираниот криминал метастазира и во образованието и во економијата и во јавните набавки и во културата и во спортот и во сите сфери од општественото живеење од кое што може да се оствари профит.

    Обвинителството на 22 јуни се разбуди за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од ДУИ, откако Стејт департментот два дена претходно го стави на црна листа него, сопругата и децата, па објави и колку истраги има во моментов против него.

    Од активни 6 случаи против Мерко, не само што ниту еден не е завршен, туку има заглавени во фаза на предистрага, уште од 2015 година. Тоа значи дека дури ни истрага не била отворена.

    Најголем дел од овие предмети против Мерко се зацементирани во Основното јавно обвинителство Струга. Има два и во ОЈО за организиран криминал и корупција. Кривичните дела во овие шест случаи против градоначалникот со трет мандат се за: злоупотреба на службената положба и овластувањата, за злоупотреба при јавни набавки и за штета на Буџетот, за измама и за несовесно работење во службата.

    Но, по донесувањето преку ноќ на измените на Кривичниот законик на 6 септември, речиси сите дела на струшкиот градоначалник ќе застарат.

    Го прашавме Обвинителството дали пак ќе објави список за истрагите против Мерко, овојпат извештај што се му застарува, но оттаму ни кажаа дека таков преглед нема да прават ниту за него, ни пак за други осомничени.

    „Одлука во секој предмет поединечно ќе се носи тогаш кога предметот ќе дојде за одлука. Ќе се применува законот соодветно”, ни рекоа од Обвинителството.

    Голем дел од истрагите против него беа токму за злоупотреби со узурпација на земјиште.

    С. ВРЕНЦОВСКА


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира