Со патнички моторни возила и вклучени сирени, активистите против рудници организираа протестен моторизиран караван со кој побараа од Владата да не тактизира и под итно да го раскине договорот за концесија за рудникот Иловица-Штука. Сметаат дека постојат правни аргументи да се одземе концесијата на „Еуромакс“ за Иловица за да може конечно народот да не стравува дека неговата околина ќе биде загадена.
„Сакаме да го свртиме вниманието не само на јавноста туку и на Владата, од која бараме да ја одземе концесијата за рудникот Иловица. Со овој протест ги охрабруваме властите да го решат конечно овој проблем и да застанат на страната на граѓаните, како што ветуваа на секои избори“, изјави Костадин Ристоманов од здружението Здрава котлина.
Активистите се заканија дека моторизираниот протестен караван е само предупредување до Владата, ако не ја одземе концесијата дека ќе зачестат блокадите и протестите не само во Струмичко туку и во цел Југоисточен Регион.
„Ова е предупредување. Доколку не му се одземе истечената концесија на ‘Еуромакс’, а сега ‘Трафигура’, нема да седиме мирни туку постојано ќе сме на улици“, рече Милена Зафирова, активистка против рудници.
Владата уште се нема изјаснето дали ќе биде одземена концесијата на „Еруомакс“ за рудникот Иловица, иако пред една година му наложи на Министерството за економија да изготви информација дали постои правен основ за таа работа исто како и за Казандол, Валандовско.
Моторизираниот протест траеше речиси три часа. Активистите против рудници извозеа 60 километри не само по улиците во Струмица, туку и по населените места во општините Ново Село и Босилово кои ќе бидат најзасегнати ако се отвори рудник на Огражден.
В. ТРАЈКОВ